Петре Прличко и Милена Дравиќ во „Македонскиот дел од пеколот“

На виенското „Виенале“ се прикажува голема ретроспектива на источноевропски партизански филмови. Што е она што денес би фасцинирало во филмовите како што се „Козара“ или „Валтер го брани Сараево“? И дали е време овие филмови повторно да се погледнат?

Европските земји моментално ги затвораат границите, се раздвојуваат европските соседи и граѓаните се делат на добри и лоши, доселениците на пожелни и непожелни, се набљудува како прогонетите се дават во Средоземното Море, констатира Миранда Јакиша, професорка по славистика на Универзитетот во Виена.

– Се чини дека ги заборавивме европските вредности што се поставија после Втората светска војна – вели таа и додава дека е време кога повоените вредности треба одново да се откријат, а тоа е одлично со помош на партизанските филмови.

Јакиша повеќе од десет години ги изучува партизанските филмови и книжевноста, а сега на австрискиот Филмски фестивал организира предавања со наслов „Источноевропскиот партизански филм – ретроспектива на отпорот“, кои почнуваат да се одржуваат од денес.

– Семинарите на факултет, што се за партизанските филмови, се многу посетени. Партизаните ги воодушевуваат студентите, а посебно фактот дека луѓето, без разлика на личниот губиток, се спремни да го дадат и животот за отпорот. Младите луѓе ги интересира потенцијалот на солидарноста, што беше централен елемент на сите облици на отпор во Европа под фашистичка чизма – објаснува Јакиша.

Темата е, додава она, како уметноста може да и` служи на идеологијата и дека партизанските филмови ја носат во себе таа продуктивна контроверзија.

Австрискиот Филмски музеј одбра филмови што се создавани во земји кои веќе не постојат, како што е Советскиот Сојуз, Југославија, Чехословачка, меѓутоа ќе се прикажуваат и филмови од Италија, Албанија, Данска и Норвешка. Од југословенските филмови ќе бидат прикажани „Валтер го брани Сараево“, „Балада за трубата и облакот“, „Козара“, „Кога ќе ги чуеш ѕвоната“, „Не гледај назад, сине“, „Македонскиот дел од пеколот“…

Што се однесува до уметничкиот израз при претставувањето на антифашистичкиот отпор, тој е разновиден, каков што бил и отпорот во различни земји. Така, претставата за италјанскиот отпор се разликува од претставувањето на отпорот во Советскиот Сојуз или во Франција.

Функцијата на партизанскиот филм била разновидна, наведува Јакиша, додека непосредно после војната филмот служел за да се преработат траумите од војната, а подоцна служел за да се создаваат национални митови.

Оља Алвир е писателка и една од студентките на овие предавања. Младата писателка живее во Виена од детството, а нејзините родители имаат избегано од Босна.

– Во партизанските филмови нема релативизирање на злото, негативците на ниеден начин не се кул ниту привлечни – вели она.