Џијан Емин со Хуан Аткинс на фестивал во Грузија

57

Диригентот и композитор Џијан Емин на 23 август настапи на отворањето на првото издание на фестивалот „Ехо вејвс“ во Анаклија, Грузија, заедно со познатиот американски диџеј и автор Хуан Аткинс и „Алтер“ симфонискиот оркестар составен од музичари од Националниот оркестар на Грузија и од Националната опера. Концертот во Грузија, всушност, се случи по настапот на ова креативно дуо во Античкиот театар во Охрид, кога на 2 август ја воодушевија македонската публика заедно со оркестарот на Македонската филхармонија.

Џијан Емин првпат гостуваше во Грузија, а тамошниот фестивал на своето прво издание донесе повеќе од 150 врвни уметници од електронската светска музичка сцена. На нова локација, покрај топлото Црно Море, со нова и поинаква музика, фестивалот, односно неговата програмска концепција, беше оценета како нешто најдобро што му се случило на овој туристички град.

– Добивме покана да настапиме на овој фестивал кој првпат се организира во Анаклија, Грузија, на прекрасна локација на самата плажа на Црно Море. Фестивалот траеше четири дена и имаше околу 120 изведувачи на 5 различни сцени. Ние ја имавме честа да го отвориме фестивалот што е поддржан од Владата на Грузија, а која очигледно се грижи за квалитетот на животот на своите граѓани преку реализирање ваков тип фестивал, кој според рангот на учесниците слободно можам да го карактеризирам како светски – вели Емин.

Неговиот следен ангажман е повторно во соработка со Хуан Аткинс и Огнен Узуновски од „Излет мјузик“ – издавање неколку композиции на винил во наредните неколку месеци и продуцирање албум чија концертна промоција ќе се случи во Детроит наредната година. На 13 септември, пак, Емин ќе настапи во Белград на концерт на отворено, заедно со Македонската филхармонија и африканската ѕвезда Феми Кути, концерт што премиерно се одржа во Скопје во Градскиот парк на настанот „Филхармонија на отворено“.