„Џифони Македонија“ годинава со деца и млади од 10 земји

44

Седмото издание на Филмскиот фестивал за млади „Џифони Македонија“ кој од 12 до 17 октомври ќе се одржува на повеќе локации во Скопје ќе содржи богата филмска понуда, креативни работилници, мастер-класови и низа други креативни и едукативни
активности кои ќе вклучат околу 650 деца и млади од 10 земји, на возраст од 11 до 19 години. На отворањето во киното „Милениум“ во сабота, со почеток во 19 часот ќе биде прикажан италијанскиот филм „Несовршена доба“ на режисерот Улисе Лендаро. Заштитата на човековата средина, со посебен акцент на воздухот е главната тема на годинешното фестивалско издание, а не помалку важни теми во повеќето филмови и активности ќе бидат и безбедноста на интернетот и борбата против врсничкото
насилство. Главната програма содржи внимателно селектирани филмови, а учесниците, поделени по возрасни групи, во улога на жири ќе ги одберат најдобрите филмови за младата публика. Освен од Македонија, во жирито ќе учествуваат и 50- тина деца од
странство. Во натпреварувачката програма ќе бидат 15 играни филма распределени во три возрасни групи: јуниори (10-14 год.), кадети (14-16) и сениори (16-19), а секој од филмовите ќе биде проследен со дискусија на темите на филмовите што ги засегаат младите.

„Џифони Македонија“ е дел од големото семејство на „Џифони експериенс“ од Италија, културен настан во светски рамки посветен на филмот и наменет за децата и младите, кој идната година ќе одбележи 50 години постоење, а „Џифони Македонија 2019“ пак е првиот меѓународен настан во рамките на овој јубилеј. На неговата програма годинава за прв пат во земјава е и патувачката училница „Живот на социјалните мрежи“, која веќе седум години реализира едукативни средби со ученици, студенти, наставници и родители низ Италија.Таа е дел од европскиот проект „Поврзани генерации“ – Безбеден интернет-центар, координиран од италијанското Министерство за образование и наука, а во изведба на експерти од Одделението за безбедност во комуникациите при италијанското Министерство за внатрешни работи. На фестивалот меѓудругото ќе бидат прикажани повеќе кратки филмови со посебен фокус на италијанските, а претпремиерно учесниците ќе имаат можност да ја видат и првата епизода од втората сезона на домашната серија „Фамилија Марковски“, во режија на Даријан Пејовски.

Покрај филмската програма, голем дел од програмата на фестивалот има едукативен карактер, содржи мастер-класови, предавања и работилници за младите, меѓу кои се и предавањата посветени на животната средина, во организација на активистите и движењата активни во земјава, како: „О2 Иницијатива“, „Еко свест“ и „Fridays For Future“ – Скопје. На свеченото затворање на фестивалот, на 17 октомври во 19 часот, во киното „Милениум“ ќе биде презентирано сето она што Џифонците ќе го создадат на сите работилници.