„Џиновска продавница за фантазии“ во Шпанија

57

Една од најпознатите шпански издавачки куќи „Трамунтана“ ја издаде сликовницата „Џиновска продавница за фантазии“, чиј автор е Бистра Георгиева, а илустрациите се на шпанската илустраторка Моника Каретеро. Сликовницата е издадена на шпански и каталонски јазик и веќе може да се најде во книжарниците низ цела Шпанија, по што ќе следува и нејзино издавање на територијата на Латинска Америка. „Џиновска продавница за фантазии“ беше издадена лани, во издание на „Арс ламина – публикации“.

Инаку, ова е втора соработка на Бистра Георгиева и една од најпознатите европски илустраторки Моника Каретеро. Каретеро, која е авторка на повеќе од 70 книги, издадени во Шпанија, Англија, Австралија и во САД, е добитничка на повеќе престижни награди, меѓу кои за најдобра книга на лондонскиот и шпанскиот саем на книги.

Георгиева својата професионална кариера ја почна како волонтерка во филмот „Сенки“ на Милчо Манчевски, потоа работеше на неколку филмски проекти. Шест години беше дел од невладината организација ОХО, со ангажман на проектот „Пет плус“. Има напишано и сценарио за цртаниот филм „Едно поинакво пријателство“. Моментално работи како раководителка на канцеларијата Креативна Европа МЕДИА за Македонија.