Џез обоен со хуманост, човекољубие и силни пораки!

328
Фото: Зденко Петровски

Она по што најсилно ќе го запаметиме годинешното издание на Скопскиот џез фестивал, освен звуците од светот, ќе бидат и пораките испратени до него. Овој пат тој доби уште едно ново име солидарноста кон бегалците“, искажана преку разни начини на говор, медиа и порачување: Бегалец сега-човек секогаш!

Сите четири денови на 38. издание на Скопскиот џез фестивал, од 17 до 20 октомври, поминаа во тој знак.

Ако одиме ретроспективно, по редот на нештата – фестивалот почна со претпочетните настани, прогласување на Андреа Мирческа за најдобар млад џез изведувач (на 15 октомври) , прикажување на документарниот филм „Звуци и тишина: Патување со Манфред Ејчер“ (SOUNDS AND SILENCE: Travels With Manfred Eicher ) и настап на бендот „Некст то сајленс“ (Next to silence, 16. октомври) и со пладневната промоција на книгата „Клауд аренџерс“ (Cloud arrangers) на Жига Коритник (17 октомври), како увертира во главното, кое следуваше.

Отворањето во Национална Опера и Балет на 17 октомври го означи американска вечер со концерт на гитаристот Дејвид Торн. Гитарски изведба на повеќе од едночасовна музичка тема, главно со импровизации, кои некои го нарекуваа космички џез, создаден да се слуша при патување со вселенски брод“ , а некои пак, таа изведба ја нарекоа нешто што потсетува на Пинк флојд“ . Потоа, настапија гитарското Фред Фрит трио“, со порелаксиран џез, кој и даде малку порелаксиран звук на првата ноќ.

Втората вечер беше големо емотивно доживување. Трогателниот говор на актерот Никола Ристановски, напишан од новинарката Ана Јовковска, предизвика морници кај посетителите. Тој го совлада дишењето во публиката, со зборовите со кои се опишуваат сагата и патилата на бегалците, невини луѓе принудени сиот свој живот да го стават во еден куфер и да тргнат во потрага по непознатото, невини деца кои своите плишани мечиња ги оставиле на прагот на топлиот дом и со изгребани коленици од патувања и солзи во очите, тргаат по свое среќно детство. Кога една земја станува тесна, планетата е доволно широка да ги прими сите. Се надоврза и директор на фестивалот, Оливер Белопета, со потсетувањето дека и македонскиот народ претрпел неправда, дел бил разделен и прифатен во други држави и дека солидарноста треба да биде наш нов поим.

Густавсен трио

Високиот комесаријат за бегалци на УНХЏР ја поддржа оваа кампања насловена „Џез солидарити“ , а на присутните им подари и книга, Црно бели животи“, на македонски, албански и на англиски јазик, направена од млади креативци како и платнени торби со порака за солидарност.

Музиката потоа го превзеде зборот со настап на грчките музичари од „Сократ Синополус квартет“ , чија специјалност е класичен џез, со суптилно вметнати грчки етно елементи.

„Ануар Браем квартет“ (Тунис, Германија, Шведска Либија) продолжи во тој стил со тивка џез музика проткаена со музички етно мотиви и орнаменти и беше вистински музички десерт“ на вечерта, нешто исклучително пријатно за уво, како разлеана поезија во ноти.

Арт енсамбл оф Чикаго

Џезот продолжи во МОБ на 19 октомври, со извонредните Џон Валке Батаграф од Норвешка, кои свиреа за нас прилично познат џез, но со ритам кој се пика под кожа и додава трепет и возбуда. Очекуваниот и бурно поздравен настап на легендарните Арт енсамбл оф Чикаго, предводен од 79-годишниот Роско Мичел и Дон Моаје(73), беше најочекуваниот дел на фестивалот. Фантастичниот концерт кој го одржаа е во рамките на нивниот златен јубилеј 50 години постоење, а Белопета потсети дека некои од членовите свиреле тука пред 24 години. Впрочем, годинава се одбележуваше и 50- годишниот јубилеј на германската издавачка куќа „И Си Ем“, и дури шест групи од нивните ексклузивци гостуваа на СЏФ како еден вид заедничко славење.

Неделата, на 20 октомври беше последен џезерски ден, кога во кино „Фросина“ настапи Французинката Жоел Леандре со својот контрабас, и нѐ покани в година пак да се дружиме, кога ќе се полнат 60 години како се дружи со овојот инструмент. Досега има издадено многу албуми, од кои дури 16 беа изложени на продажба во холот на МКЦ.

Затворањето на фестивалот во Македонска Опера и Балет го донесоа Тод Густавсен трио од Норвешка, со пријатен медитативен џез, а урнебесните саксофонисти од „Џемјс Брендон Луис Анрули Квинтет“ од САД го затворија фестивалот разиграно и енергично.

Што друго ќе остане забележано од фестивалот? Свирките на младиот џезер кој на саксофон ги пречекуваше гостите во МОБ, бројните изданија музика кои се продаваа, настапот на италијанскиот диџеј Никола Конте во Епицентар“…

Но, најмногу, настапот на Емин Џијан и „Меџикал оркестра“ во МКЦ, возбудлив и изненадувачко урнебесен џез на македонски начин, во кој освен труби, саксофон, главниот ритам го носи и тапанот. Многу македонски аранжерски магични музички чуда на маестро Џијан, публика која не сопре да аплаудира и поддржувачки свирежи. Нешто налик на Бреговиќ со неговиот Оркестар за за свадби и…“, но далеку помоќно, помодерно и поатрактивно. Тоа е нешто кое недостига 20 години на македонската музичка сцена.

Сиот тој црно-бел џез овој пат донесе многу бои, кои ги разбрануваа нашите емоции, а програмата се покажа како полн погодок, од „до“ до „си“.

Валентина Ѓоргиевска