Ќе се изработи 3Д виртуелна прошетка низ културно-историското наследство во Битола

90

Прошетка низ Стариот театар и дел од значајните градби од Старата чаршија, треба да овозможи новата 3Д виртуелна презентација и интерактивна веб-апликација за истражување на културно историските споменици во Битола, за што денес е објавена покана за достава на понуди, како дел од проектот „Кинокултура“. Во рамките на оваа тендерска постапка предвидена е и изработка на Дигитална мапа, што е од особена важност за промоција на културно – историското наследство.

Целата тендерска документација и детално објаснување на очекуваниот изглед на овој атрактивен туристички производ може да се види од описот во документацијата, објавена на веб-страната на општина Битола.

Проектот „Кинокултура“ се реализира со финансиска поддршка од ИНТЕРЕГ ИПА програмата за прекугранична соработка помеѓу Грција и Македонија.
Како дел од овој проект во кој одобрениот буџет за општина Битола е 197.530 евра, веќе е склучен договор за набавка на киноопрема, која се очекува да биде инсталирана во период од два месеци. Истата ќе се користи за кинопроекции во киното „Манаки“.

Во рамките на истиот проект, во тек се и три постапки за јавни набавки: постапка за изработка на промотивни материјали која завршува денес, како и постапка за изработка на краток документарен филм, и изработка на студија за валоризација на културно историското наследство во Битола.

Реализацијата на овие активности, предвидени во буџетот на проектот, ќе овозможат креирање на приказна, преку која ќе се промовира значајното културно историско наследство кое има голема вредност за овој град.

Проектот „Кинокултура“, ќе ја обезбеди и потребната опрема и промотивниот материјал за туристичкиот информативен центар, кој е дел од програмата за туризам на општина Битола, преку кој културно – историското наследство и туристичката понуда на Битола, ќе се промовира во светски рамки.