Љума и Даут од „Медена земја“ добитници на престижната награда ASC за најдобра кинематографија

254

Самир Љума и Фејми Даут од „Медена земја“ се добитници на наградата за најдобра кинематографија за документарен филм на 34-то доделување на наградите ASC (The American Society of Cinematographers).

– Многу е чудно да бидеш дел од оваа свеченост. Ова е прв пат некој од Македонија да биде дел од оваа церемонија за доделување на најпрестижните награди – рече Фејми Даут.

Љума, пак, на својот фејсбук-профил напиша дека ова е најважната награда што може да ја посака еден кинематографер.

– Ние сме многу возбудени, излеговме оттука со награда. Што и да кажам, ќе звучи чудно со нашиот англиски, бидејќи не можам да ги искажам моите емоции и благодарност до организаторите, за отворените врати на документарната кинематографија. Нам ни е мило што ние сме првите победници овде, во оваа категорија. Чест ни е. Ако пребарате од каде доаѓаме, што работевме, тоа е одличен пример за сите што сакаат да ја работат оваа работа, дека сѐ е можно. Можеш да ја земеш оваа награда ако си многу чесен и ако го сакаш тоа што го работиш, тогаш ќе се оствари и твојот сон – рече Самир Љума.

Наградата на кинематограферите им ја додели режисерот Тод Филипс, кој во својата најава рече дека ова е „златно време на документарниот филм“.
Македонскиот филм „Медена земја“ е во трката за претстојните „оскари“ во две категории – за најдобар документарен филм и за најдобар странски филм.
По победата на американскиот фестивал „Санденс“ лани, „Медена земја“ освои голем број награди, номинaција за европски „оскар“, а имаше и одлични критики од најреномираните филмски критичари и медиуми.

Документарниот филм „Медена земја“ е во режија на Љубомир Стефанов и Тамара Котевска. Филмот е во продукција на Атанас Георгиев, кој е и монтажер, а кинематографијата е на Фејми Даут и Самир Љума.