Љубовта кон книжевноста нѐ поврзува каде и да живееме

136

Покрај некое во гените впишано чувство од ова поднебје, сме ја делеле и судбината на нашите народи и како уметници. Сцената е многу слична. Како творци се соочуваме со исти проблеми, но сепак опстојуваме и создаваме, вели Селаковиќ

БРАНКА СЕЛАКОВИЌ, СРПСКА ПИСАТЕЛКА

Во Скопје деновиве престојува српската писателка Бранка Селаковиќ (35). Таа е дипломиран филозоф, работела како новинарка и уредничка на Радио Белград, а сега е новинарка соработник од областа на културата за Ал џезира Балкан. Авторка е на книгите „Нарциси обоени црно“, „Капија“, „Лута сум“, „Еинаи“…, а романот „Глинениот крал“, објавен во 2016 г., ѝ ја донесе престижната награда „Мирослав Дерета“ за најдобар роман за 2016 година. Членка е на Друштвото на писателите на Србија, а живее и работи во Белград.

Во Скопје сте еден месец на резиденцијален книжевен престој. Како дојде до оваа соработка?
– Овој октомври Скопје е мојот дом. Станува збор за резиденцијалната програма „Ридинг Балканс“, која е поддржана од програмата „Креативна Европа“, во соработка со неколку издавачки куќи од регионот. Во Македонија, мој домаќин е издавачката куќа „Готен паблишинг“ и искрено сум им благодарна што од големиот број автори што аплицирале, ме одбраа мене со мојот проект, кој ќе биде завршен за време на мојот престој овде.
Што е ви се допаѓа тука, пронајдовте ли во градов творечка инспирација?
– Жителите на градов веројатно поинаку ги перципираат промените отколку туристите и кога станува збор за секојдневниот живот, урбанистичките решенија и сеопштата естетика. Читав многу дискусии за спомениците, нивната големина, меѓутоа како набљудувач мене сѐ ми изгледа убаво и пријатно. Можеби немам критички осврт. Кога се менува Белград, во кој живеам повеќе од половина од мојот живот, или мојот роден град Ужице, често сум строга критичарка, затоа што го знам претходниот изглед на градовите, како и емоцијата што е врзана со нив. Кога сето тоа се менува, не прифаќам лесно. Инаку, овде луѓето се многу топли, искрени и внимателни. Секаде наидов на разбирање. Првите денови бев вистинска туристка. Се фотографирав. Уживав во разгледувањето на градот, спомениците, музејските поставки, парковите и, се разбира, во храната. Тавче-гравче има на моето мени на неколку дена. Покрај сето ова, ме радуваат и средбите со колегите писатели. Искрениот однос и љубовта кон уметноста и книжевноста нѐ поврзуваат, каде и да живееме.
Пишувате и поезија и проза. Пишувате за да се ослободите, некому нешто да му порачате или да промените нешто?
– Пред сѐ сум страсна читателка, па потоа писателка. Прво пишував невешти, младешки песни, а потоа и проза. Како студентка во прва година на факултет објавив роман. Кога мислам на моите почетоци, знам дека ме фасцинираа полиците полни со книги во библиотеката што беше сместена во зградата во која живеев. Многу часови минував во читалницата. Можеби се раѓаме со тоа, можеби околината нѐ создава, но отсекогаш имав длабока, исконска потреба да пишувам. Покажував и изгледи за талент кон сликањето, но не сакав да се посветам на тоа, туку на пишувањето. Сознанието и потребата да создавам некои нови светови, да копам во срцевината на човечката душа, емоциите, психата и да ги одгатнам човековите механизми, и тогаш и сега, се моја движечка сила.
Дали би можеле да направите паралела меѓу српската и македонската книжевна сцена?
– Мислам дека нѐ болат и дека нѐ придвижуваат слични, а можеби и исти проблеми кога станува збор за општествено-историскиот контекст. Покрај некое во гените впишано чувство од ова поднебје, сме ја делеле и судбината на нашите народи и како уметници. Сцената е многу слична. Како творци се соочуваме со исти проблеми. Вечно во недостиг од разбирање од страна на државните чиновници и нивните распределби на буџетот, но сепак опстојуваме и создаваме. Луѓето на власт некогаш забораваат дека традицијата и идентитетот на еден народ почиваат на културата и само преку неа може да опстане. Уметниците ги отвораат вратите кон светот.
Какви се можностите вашите дела да се читаат и на македонски јазик?
– На македонски јазик се препеани мои песни и објавени на порталот КулAрт.мк. Во рамките на програмата од мојот престој, ќе бидат преведени и некои мои раскази. Секако дека би сакала на читателите да им бидат достапни и романите, макар последниот „Глинениот крал“, кој го привлече вниманието на јавноста не само во Србија туку и во регионот, но и новата книга со приказни на која моментално работам.