„Љубовникот“ на Изи и „Истребувач 2049“ го отвораат „Браќа Манаки“

175

Во Битола сѐ е подготвено за вечерашното свечено отворање на 39. издание на интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“. Во градот веќе се чувствува фестивалска атмосфера. Хотелските капацитети речиси се исполнети со гости и филмаџии од сите делови на светот што ќе учествуваат, или ќе го следат фестивалот. Според организаторите, останува уште само пред Центарот за култура да се постели црвениот килим и да се означи почетокот на фестивалот, кој годинава ќе се одржи под мотото „Симнуваме капа“.

Свеченото отворање на фестивалот ќе се одржи со перформанс на режисерот Срѓан Јаникијевиќ, по свеченото отворање премиерно ќе биде прикажан краткиот филм „Љубовникот“ на режисерот Игор Иванов-Изи, а веднаш потоа, во чест на добитникот на „златна камера 300“, оскаровецот Роџер Дикинс, премиерно ќе биде прикажан филмот „Истребувач 2049“. Првата вечер на актерката Милица Стојанова ќе ѝ биде врачена наградата „голема ѕвезда“ на Друштвото на филмски професионалци на Македонија.

На 39. фестивал, кој ќе трае до 29 септември, во 14 фестивалски програми ќе бидат прикажани 95 филма. Во главната натпреварувачка програма се 12 филма по избор на селекторот Благоја Куновски-Доре: „Транзит“ (Германија); „Студена војна“ (Полска); „Зимски муви“ (Чешка); „Лето“ (Русија); „Ага“ (Бугарија); „Горење“ (Јужна Кореја); „Фокстрот“ (Израел); „Нико“ (Италија); „Пепелта е најчисто бело“ (Кина); „Недвижен имот“ (Шведска), „Девојка“ (Белгија) и „Црниот кју-клуксклановец“ на Спајк Ли (САД).
Филмовите се селектирани на трите најголеми фестивали – Кан, Берлин и Венеција и еден од Карлови Вари.

Годинашен лауреат е италијанската филмска дива Клаудија Кардинале, која во Битола ќе ја прими специјалната награда „златна камера 300“, а на втората фестивалска вечер ќе биде прикажан филмот „Благородни лаги“.

По неодамнешната премиера во Венеција, во Битола ќе биде прикажан и документарниот филм „Живеење со светлината“ за кинематограферот Роби Милер, кој беше лауреат пред две години, а почина во јуни годинава. Фестивалот ќе заврши со доделување на наградите од главната програма, а за затворањето ќе биде прикажан краткиот филм „Скаут“ на македонскиот режисер Алекс Цветков, кој живее во САД.