Љубезниот заводник

71

Музички приказни

За композиторите (слично како и за научниците) постои општоприфатена слика, тукуречи клише, дека тие се малку смотани, чудни и непредвидливи луѓе. Со роеви мисли и ноти во главата, важат за личности што не се особено приспособени во „нормалниот“ живот, изгледаат ексцентрично и интровертно. За нив се смета дека не умеат баш најдобро да комуницираат со луѓето преку зборовите, затоа што зборуваат преку музиката. И често музичарот бидува опишан како меланхолик несреќно вљубен во некоја дама. Од тагата поради невозвратената љубов црпи инспирација за романтични и мечтателни композиции.

Но не се сите композитори такви. Габриел Форе (1845-1924), францускиот композитор што го премостил преминот од романтизмот кон современата музика, бил исклучително дружељубив човек. Умеел да другарува со секого. Поради своите добри манири, речитоста, љубезноста и стабилниот дух, бил омилено друштво во парискиот свет. Бил позитивен и благонаклонет кон сите, па затоа обидот да биде музички критичар во весникот „Ле фигаро“ пропаднал. Едноставно, Форе не бил во состојба да каже лош збор за свој колега или негативно да оцени некое дело, па неговите критики не бие реални. Тој во секоја композиција и во секоја изведба ја гледал само добрата страна.
Со слична благонаклонетост пристапувал и кон дамите. Важел за голем заводник. По несреќната љубов (ете го клишето) кон композиторката Полин Виардо се согласил на договорен брак со извесна Мари Фремие, ќерка на скулпторот Емануел Фремие.

Љубовџијата се согласил на брак без љубов. Бракот, формално, се одржал и покрај големиот јаз меѓу сопружниците, во него се родиле два сина и сѐ навидум било во ред. Но заводникот не престанал да заведува, па со пејачката Ема Бардак развил страсна врска, за која цел Париз (о)зборувал. (Таа подоцна се вљубила во Клод Дебиси, тој заради неа ја напуштил првата сопруга, која, разочарана, се самоубила). Според биографите, една од љубовниците на Форе била и Адела Медисон, сопруга на богат англиски адвокат. Врската започнала така што Адела и нејзиниот сопруг ја обожавале музиката на Форе и ги искористиле сите свои познанства за да го промовираат Французинот во Англија. Подоцна се разгорела љубов меѓу Форе и неговата промоторка, која била инспирација за Ноктурното бр. 7, полно со романтични чувства.

На преминот кон новиот век, во август 1900 г., Форе се запознал со Маргерит Хаселман. Таа имала 24 години, тој 55, исто колку нејзиниот татко. Но љубовта не ги броела годините, ниту ги прифаќала наметнатите правила. Тие двајца биле сродни души и нивната врска прераснала во неофицијален брак. Цврст и стабилен, каков што Форе претходно можеби посакувал, но немал. Се дополнувале во животот и во музиката цели 24 години, до смртта на Форе.

Лада Шоптрајанова Петровска