Јулијана Величковска: На делата што ги преведуваме гледаме како на светост

682

Јулијана Величковска е македонска поетеса, писателка, преведувачка, издавач, организаторка на манифестации. Авторка е на книгите: монографија „Дваесет години Поетска ноќ во Велестово“ (2009, „ПНВ“), поетската збирка „Комарци“ (2010, ПНВ), романот „Годишни времиња“ („ПНВ Публикации“, 2014) и „Отворена книга“ – избор поезија (2017, „ПНВ Публикации“). 

Нејзините песни се препеани и објавени на неколку јазици, меѓу кои: кинески, англиски, српски, хрватски, словенечки, холандски, албански, чешки и италијански јазик.

Застапена е во неколку антологии на македонската современа поезија издадени во Македонија, Србија, Чешка и Италија, а застапена е и во една антологија на светската современа поезија издадена во Кина.

Таа е член на организациониот одбор на поетската манифестација „Поетска ноќ во Велестово“ – Охрид, чие 32 издание ќе се одржи на 21 и 22 август. Основач е на издавачката куќа „ПНВ Публикации“ од Скопје.

Поетеса, писателка, преведувачка, издавач, организаторка на манифестации. Како е да се живее во вашите чевли?

– Возбудливо и никогаш здодевно! (се смее) Динамично е, но тоа ми се допаѓа, таква ми е и природата. Секогаш негде брзам, постојано имам чувство дека со нешто доцнам, сакам што повеќе да направам и отсекогаш денот ми бил прекус за сите нешта што сакам да ги направам. Го работам тоа што го сакам, па не ме изморува. Постојаната промена на активности, на некој начин ме одмара, и ете така, енергијата е во некое постојано движење, а пријателствата што притоа се создаваат се најголемата награда за трудот.

Секогаш е фасцинантно кога некој што е презафатен, објавува книга. Вие сте интензивни во вашата работа, меѓутоа се чини дека, сепак, наоѓате време и за творење. Што следно да очекуваме од вас?

– Веќе подолго време работам на роман со работен наслов „Часови по пеење (или како повторно да станеш дете)“, планот беше да го објавам до крајот на годинава. Но како што бидуваат нештата, во еден момент решив да исфрлам голем дел од ракописот и сега сме во комплицирана врска со текстот! (се смее) Така што, веројатно тоа ќе биде моето следно авторско дело, но не можам да кажам кога ќе излезе од печат. Во меѓувреме работам и на неколку препеви, би ги издвоила Керол Ен Дафи, Вилијам Вол, Ервин Јахиќ и некои други современи европски поети, што треба да ги завршам есенва и во текот на следната година.

Од промоцијата на книгата „Двоумење“ на Ива Дамјановски

Во последно време вашата издавачка куќа е посебно привлечна за авторите од помладата генерација (Исток Улчар, Ива Дамјановски, Викторија Ангеловска, Андреј Ал-Асади…), оние што носат најголема свежина на поетската, и воопшто, книжевната сцена. Што мислите дека ги плени да објавуваат кај вас?

– Ова е прашање што сметам дека најдобро би го одговориле самите автори, но од она што во нашата комуникација го изјавиле и од она што ние како издавачка куќа го нудиме за нашите автори, би рекла дека ги привлекува нашата професионалност, целосниот третман пред чинот на печатењето. Ние не правиме разлика дали се работи за популарен европски автор или за млад македонски автор, на сите текстови им приоѓаме исто и со целосна посветеност. Работиме со многу љубов и внимание на секоја книга. Текстот се редактира, се лекторира, минува низ неколку фази на читање во постојана комуникација со авторот, со цел она што ќе излезе меѓу корици да биде најдобрата верзија на ракописот. Исто така, сакаме да им бидеме ветер во грбот на младите, така што во нашата издавачка куќа постојат повеќе опции за соработка со квалитетните млади автори. Бидејќи се работи за некомерцијални изданија се трудиме многу и околу дизајнот, сакаме да правиме и визуелно убави книги, изданието да претставува целосен концепт. Работиме со љубов и сакам да верувам дека тоа е видливо и дека тоа е она што ги плени авторите своите ракописи да ни ги доверат нам.

 

Воведувате и новитети во издаваштвото. Во изданието на „Почетни координати“ од Моника Херцег со скенирање на кјуар-код од мобилниот телефон, може да се чуе изведба на поезијата и од самата авторка, со цел автентично да се долови сензибилитетот на нејзиниот збор. Македонската публика не е навикната на вакви прогресивни, мултимедијални книги. Колку сме отворени за да можеме да одиме во чекор со светот?

– Да, во меѓувреме објавивме уште две книги со кјуар-кодови во нив, „Дом на коски“ од Приска Агустони, во превод од италијански на Наташа Сарџоска и „Шумата почнува тука“ од Сергеј Тимофеев од Латвија, во мој препев од руски јазик. Оваа идеја произлезе од нашето мото „Да се чуе гласот на авторот!“, кое веќе подолго време го практикуваме со нашиот непосреден пристап при претставувањето на делата и авторите на нашите книжевни промоции и нашите заложби авторите да бидат во фокусот на настаните поврзани со нивните книги, наспроти класичните книжевни промоции на кои некои други луѓе говорат и читаат извадоци од книгата, додека авторот, небаре невеста, гувее на сцената и потем, на крајот, само срдечно им се заблагодарува на присутните.

Така што може да се каже дека и во промоциите воведовме новитет, што гледам дека и други наши колеги издавачи полека почнуваат да го применуваат. Тоа е една од нашите клучни цели, да ги разбиеме стереотипите, сметаме дека така публиката ќе се врати и кон поезијата. Нам ни е исклучително важно авторите да можат непосредно да комуницираат со публиката, за на тој начин да се поврзат, да разменат идеи и впечатоци, да ја пренесат својата порака и да добијат директен фидбек од публиката.

Конкретната идеја со кјуар-кодовите е нешто ново и возбудливо и за нас и за авторите. Со радост ги снимија неколкуте песни ексклузивно за македонските читатели, а Тимофеев дури и ги збогати со звучни ефекти. Љубопитни сме какви ќе бидат реакциите на читателите, а засега реакциите се позитивни, на читателите им се допадна оваа „игра“, некои велат дека имаат чувство како да следат мапа што ги води до скриено богатство.

На македонската книжевна сцена ѝ треба освежување, а ние како издавачка куќа сме постојано отворени кон светот. Се стремиме да објавиме што повеќе квалитетни современи европски, па и светски поети, за читателите во Македонија да знаат што се случува на поетската сцена надвор и се надеваме дека тоа ќе придонесе и кон подобра домашна продукција.

Светските издавачки куќи мошне внимателно бираат кого и што ќе објават. Куќата ја одбира книгата. Овој принцип не е многу популарен во Македонија. Кај нас авторот ја одбира издавачката куќа. Што мислите, зошто е тоа така? И како изгледа да му се каже „не“ на некој автор?

– Со ова не се согласувам во целост, секаде во светот секојдневно издавачите примаат ракописи („сабмишанс“) во инбокс, а некои што ги познавам имаат вработено и по неколку уредници чијашто задача е да ги читаат тие ракописи и потоа одлучуваат дали некому ќе понудат договор. Така што, на некој начин, и таму се работи за некаков вид „фишинг“. Е сега, ако веќе зборуваме за оние големите, комерцијални издавачи, прво важно е да се каже дека тие се дел од еден голем книжевен пазар, издаваат на таканаречените „големи“ јазици, па следствено, продаваат бројни тиражи и можат да си дозволат тие да бираат автори и да им нудат договори. Морам да забележам дека во поглед на поезијата дури и светски познатите издавачи на поезија и друга уметничка литература, печатат трицифрени тиражи. Додека ние што овде се бавиме со некомерцијална и поуметничка литература може да се каже дека се движиме некаде по работ на „андерграундот“, со музички жаргон кажано. Односно, издавајќи книги што не се наменети за широката читателска публика, туку за оние посебните вљубеници во поезијата и во книжевните дела со високи естетски вредности, не сме во состојба да располагаме со многу средства, па така ни да нудиме некакви договори и да ги бараме и бираме до таа мера нашите автори. Така што, ако има заеднички интерес и повисока цел, партнерски пристапуваме кон процесот.

А да се каже „не“, воопшто не е тешко. Прво, затоа што тоа „не“ понекогаш е заради тоа што на ракописот му треба уште работа, и, кога авторите се расположени за тоа, им даваме и некои конкретни стручни совети и насоки, па тоа „не“ понатаму може да се престори во „да“, а понекогаш, едноставно, ракописот не соодветствува со нашата издавачка политика. Ние не би можеле да застанеме со име и презиме зад таа книга, што не мора да значи дека книгата е лоша или дека нема да има свои читатели, туку едноставно, не си одговараме.

 

Преводот е една од најсериозните дејности во светот на издаваштвото. Меѓутоа, во Македонија на полиците за книги можат да се најдат мошне несериозни преводи на светски автори. Како гледате на ваквото сквернавење на литературата?

– Ох, ова е тема за дебати. Ќе се обидам да бидам куса. Јас како преведувач и сите преведувачи со кои соработува нашата издавачка куќа на делата што ги преведуваме гледаме како на светост. Со преводите се гордееме и им се радуваме како да се наши дела. Истражуваме за книгата, ја препрочитуваме неколкупати, процесот трае долго. Ако се работи за современ автор, тогаш ја имаме и таа ретка можност да поразговараме со него или со неа за делото. За што подобро и што поточно да ја пренесеме пораката со сите слоеви значења. Секако, пропустите и нам можат да ни се случат, но важно е настојувањето во дадениот момент и во дадените околности да го дадеме најдоброто од себе. Но има и комерцијални издавачи кои на книгите гледаат како на обичен производ, целта е да се вложи што помалку, па или се ангажираат помалкуквалитетни преведувачи или на преведувачите не им се дава доволно време, а потоа книгите не се редактираат, не се лекторираат, единствената цел е брзата заработка. Среќа што овде, главно, се работи за псевдолитетратура, лимонади и трилери пишувани по шаблон со бомбастични наслови. Но важно е да се нотира дека претходно една ваква катастрофа се случи и со владин проект за превод на врвни и исклучително важни дела од светската литература.

Во таа насока би сакала да апелирам до читателите да ги поддржуваат малите издавачи, оти тие се луѓето што работат еснафски и со љубов. Книгите од некои мали издавачи се како рачно изработен накит, наспроти масовното производство.

 

Општопознато е дека издаваштвото не е најпрофитабилната професија и дека генерално во Македонија тоа се работи од љубов. Како изгледа да се „живее“, а притоа да се нема сопствен простор за продажба?

– Па, ова малку го опфатив и во одговорот на претходното прашање. И во некои други прилики веќе сум рекла: македонскиот книжевен пазар е толку мал во споредба со глобалните што, метафорички, личи на тезга, од оние картонските, и ако институциите, односно, Министерството за култура, не најдат начин како вистински да ги поддржат издавачите и книжарите во земјава, останува или да се издаваат и продаваат оние лесни таканаречени „книги за на плажа“, книги за самопомош и друга сомнителна литература, за издавачите да можат да врзат крај со крај, или полека издаваштвото ќе се сведе на хоби, со што директно ќе им се наштети на македонскиот јазик и култура.

Инаку, кога почнавме пред десетина години, имавме свој продажен простор, тоа беше книжарницата „Кавказ“, но во тоа време купувањето книги беше на многу ниско ниво, недоволно за книжарницата да се одржи во живот, па моравме да ја затвориме по нецели две години од отворањето. Денес, се отворија многу нови книжарници, особено во Скопје, соработуваме речиси со сите нив и се надеваме дека овој тренд ќе продолжи.

„Поетска ноќ во Велестово“

Наскоро публиката ќе има можност да ужива и во манифестацијата „Поетска ноќ во Велестово“. Како поминува подготовката за фестивалот овојпат, со оглед на тоа дека се работи за вонредни услови?

– Подготовките се при крајот и се радуваме што и покрај ситуацијата со ковид-19, земајќи ги предвид и применувајќи ги сите препораки за заштита, и годинава ќе го продолжиме континуитетот на оваа веќе 32-годишна манифестација.

На 21 август, на сретсело во Велестово, ќе биде претставен поетскиот портрет на Зоран Анчевски, а изложба на скулптури ќе постави Димитар Филиповски. Настанот ќе го отвори „Скопје гитар трио“ со мал концерт.

На 22 август беше предвидено претставувањето на две извонредни современи исландски поетеси  ̶ Кристин Омарсдотир и Сигурбјорг Трастардотир, но поради ситуацијата, овој настан го презакажавме за следната година, со надеж дека ситуацијата ќе се подобри, а наместо интернационалната вечер, ќе се одржи поетско читање на шест современи македонски поети: Владимир Мартиновски, Ѓоко Здравески, Тоде Илиевски, Биљана Стојановска, Павлина Атанасова и по 12-годишна работа како организатор на фестивалот, првпат ќе читам и јас. Планираме ова поетско читање да се одржи во природа, на зајдисонце, на локација во селото Велестово.