Јосиф Бродски – осумдесет години подоцна

99

Минатиот месец се навршија осум децении од раѓањето на големиот поет Јосиф Бродски. Дури и во контекст на новата студена војна, тој јубилеј е одбележан и во Америка и во Русија. По повод недоживеаниот осумдесетти роденден на Бродски, писателот Александар Генис деновиве се навратил четири децении наназад.

– Првпат имав можност да ја одбележам годишнината од раѓањето на Бродски пред четириесет години кога Гриша Полјаков, Пјотр Ваил, Довлатов и јас го објавивме алманахот „Вид зборови“ во чест на поетот. Пјотр и јас цела ноќ правевме прелом на тоа дебело списание во мојата куќа, додека Довлатов се забавуваше гледајќи нѐ нас. Четириесет години не е обичен јубилеен датум, но и Бродски не беше обичен поет. Уште тогаш, без секакво сомневање, беше идол. Неговата слава растеше, а по смртта, како што тоа бидува меѓу руските читатели, растеше уште повеќе – рекол Генис.
Ова негово искажување ќе го забележи на почетокот на својот текст објавен во весникот „Ослобоѓење“ писателот Мухарем Баздуљ.

– Јосиф Бродски се родил на 24 мај 1940 година во Ленинград. Беше петок. Го споменувам тоа бидејќи Бродски сакаше да ја цитира руската народна поговорка, која вели дека кој е роден во мај – цел живот се мачи. Слична порака за оние родени во петок пренесува англиска детска песна. По стихот за децата родени во четврток – стих што го инспирира Дејвид Боуви – за децата родени во петок се вели дека многу работат за да преживеат. Идниот поет се родил во најсеверниот голем град на светот и тоа спроти најтешките денови во неговата историја, најдолгата и најтешка опсада на некој град во Втората светска војна. Идниот осуденик поради „општествен паразитизам“, универзитетски професор на престижни факултети и добитник на Нобеловата награда за книжевност ќе го напушти редовното школување по завршено основно училиште. Училиштето воопшто не го сакаше – пишува Баздуљ.

Откако не го примиле во морнарска академија (сакал да биде морнар во подморница), Бродски најнапред работел како пролетер во фабрика, потоа како помошник во мртовечница, ложач во јавна бања, светилничар, па на крајот и како работник во геолошки експедиции. Ослободен е од воена обврска поради дијагноза во која се споменуваат невроза и срцева болест. Кога ќе почне да пишува поезија, брзо ќе привлече внимание: и публика на поетските вечери и познавачи како Ана Ахматова. Сепак, откако на крајот на 1962 година бил објавен Солженициновиот „Еден ден на Иван Денисович“ што го означил врвот на Хрушчовата „либерализација“, дошло до контраудар на конзервативните струи. Дел од тоа беше и пресметката со младиот поет Јосиф Бродски, кој е обвинет за „општествен паразитизам“. Кога во истрагата го запрашале зашто не студира, Бродски одговорил дека не сака да оди на факултет бидејќи таму би морал да полага дијалектички материјализам, а тоа, според негово мислење, не е наука и додал: „Јас сум создаден за творештво, не можам да работам физички. Мене ми е сеедно дали постои партија или не, за мене постои само добро и зло“.

Мухарем Баздуљ во својот текст посветен на осумдесетгодишнината од раѓањето на Јосиф Бродски ќе посочи и дека на судењето Бродски на прашањето на судијката што е по професија ќе одговори дека е поет и преведувач.
– Следува потпрашање кој го признал за поет, кој го класифицирал како поет; Бродски одговара со прашање: „Кој ме класифицирал во човечкиот род?“. Судијката продолжува, па прашува дали се школувал за поет, дали студирал, а овој вели: „Не мислев дека тоа го дава образованието, мислам дека тоа е… од Бог“. Било како било, фамата околу судењето ги потресла СССР и сиот свет. Западните медиуми опширно известувале за судењето на поетот, Би-би-си од транскриптот од судењето направил некој вид радиодрама. Ана Ахматова забележала дека властите не се ни свесни дека на Бродски на тој начин само му кројат „вистинска биографија“. Кога ќе се укаже можност книга на Бродски да биде преведена на англиски и кога поетот информативно ќе го запрашаат има ли некаква сугестија за тоа кој би можел да напише поговор, Бродски, не верувајќи дека тоа е навистина можно, го предложил Оден. И Оден се согласил. Тоа ќе биде една од причините зошто Оден ќе биде првата адреса на која Бродски ќе се јави откако на почетокот на седумдесеттите засекогаш ќе го напушти СССР – напиша Мухарем Баздуљ.