„Ѕвездена музика“ со оркестарот на Филхармонијата

72

„Ѕвездена музика“ е насловот на концертот на оркестарот на Филхармонијата, кој ќе се одржи в четврток во 20 часот. На програмата е инспиративната компилација на едно од најзначајните дела во историјата на музиката – „Прстенот“ на Рихард Вагнер, како и впечатливиот концерт за тромбон и оркестар „Старгејзер“ од Џонатан Дав. Диригент е Тимоти Редмонд, а солист Питер Мур од Велика Британија.

Тромбонистот Питер Мур на 12 години, во 2008 година, стана најмладиот победник на натпреварот за млади музички уметници на Би-би-си. На 18 години Мур беше назначен за коглавен тромбонист на престижниот Лондонски симфониски оркестар.

– Мојот стил во минатото беше да ги земам работите во мои раце и да не размислувам за далечната иднина, но кога ќе погледнам назад, да, имав среќа да бидам дел од толку многу прекрасни музички искуства – вели Мур.
Tимоти Редмонд се усовршувал на мајсторски курсеви по диригирање со Јан Паскал Тортелије, Иља Мусин, Џорџ Хрст и Пјер Булез. Од 2006 година Тимоти Редмонд е шеф-диригент на Филхармонијата на Кембриџ и диригира со сите водечки британски оркестри, меѓу кои Лондонскиот симфониски оркестар, Кралскиот филхармониски оркестар од Ливерпул, оркестарот на градот Алстер, филхармониските оркестри на Би-би-си и многу други. Кариерата го води во Франција, Белгија, САД, Финска, Босна и Херцеговина, каде што диригира со оркестри и работи на оперски продукции. Неодамна во САД, Редмонд работи како диригент на подготовките на нова опера базирана на приказната „Чарли и фабриката за чоколада“, а неодамна ја збогатува сопствената дискографија снимајќи компакт-диск со француската виолончелистка Офели Гајар за „Наив рекордс“.