Ѕвездата Ванеса Меј и Филхармонија го отвораат „Охридско лето“

204

Со концертот на светски популарната виолинистка Ванеса Меј, на 12 јули (петок) во прекрасниот Антички театар во Охрид, свечено ќе почне 59-то издание на фестивалот „Охридско лето“. Британката Ванеса Меј го носи епитетот светско чудо, а ќе настапи заедно со оркестарот на Македонската филхармонија и вокални солисти од Операта, под диригентската палка на маестро Иван Кожухаров од Бугарија.

Меј стекна светска слава поради виртуозноста, но особено поради нејзиниот оригинален пристап на свирење на виолина, создавајќи фузија од класика со џез и електроника, со намера да ја доближи класичната музика до поширокиот круг слушатели. На само 13 години таа стана првиот солист на виолина на таа возраст што одржал концерт во Лондон, а подоцна токму нејзиниот микс од т.н. техно и класика ѝ донесе милиони продадени албуми во светот. Во 2006 година беше прогласена за најбогата музичарка под 30 години.