Промоција и трибина за книгата „Што е архитектура?“ ќе се одржи вечерва, во 19 часот, во „Јуроп хаус“. Книгата го истражува светот на архитектурата низ 100 прашањa и 100 одговори. Основната идеја за реализација на овој проект е доближување до поапстрактни теми врзани за архитектурата како феномен до обичните читатели, a особено до младата публика и не само до професионалците од фелата.

Вешто избегнувајќи монотоно симплифицирање на интелектуалната мисла, оваа книга може да поттикне љубопитност кај читателите за продлабочување на интересот за некои навидум очигледни прашања, чии одговори никогаш не се ниту конечни ниту едноставни. Имено, авторите му помагаат на читателот да премине од неупатеност до коректна естетска, академска или историска дискусија, со тоа што даваат еден одговор на прашањето – честопати шеговит, секогаш прониклив, а потоа и уште еден, поопширен и поедукативен одговор.

– Ова е искрено четиво што нуди субјективно видување во форма на само некои од потенцијалните одговори што овие прашања ги заслужуваат. Имено, вистинската вредност на оваа книга се состои токму во прашањата. Што е архитектура, зошто светот е најубав на самрак, дали објектите имаат спомени, дали историјата има иднина, што e камен, која е улогата на политиката во архитектурата, се само дел од прашањата што ги поставуваат авторите на оваа книга. Интересно е тоа како овие прашања, кои ги интригираат читателите со својата универзалност, може да се поставуваат одново во разни контексти. Па, така, лесно можеме да ги приспособиме на еден локален контекст и прашањето што во книгата е: „Дали Дубаи е град?“, да го преформулираме и да го поставиме: „Дали Скопје е град?“ – се вели во најавата за промоцијата.

Учесници на трибината се: Анета Поповска, Мартин Пановски и Марта Илиевска. Изданието „Што е архитектура?“ е прво од едицијата „Иго“ на издавачката куќа „Гаврош“. Преведувач на изданието е Саше Тасев.