Чудесниот свет на Калдер есенва во Загреб

47

Дел од чудесниот и богат опус на големиот американски и светски скулптор, Александар Калдер (1898 -1976) ќе биде презентиран есенва во Уметничкиот павилјон во Загреб, во рамките на програмата „Најголемиот скулптор на 20 век“. Калдер, чии дела во најголем број се посветени на кинетичката уметност, популарно се нарекува и пронаоѓач на мобилите.

Своите живо обоени, апстрактни подвижни конструкции – мобили, тој ги изработуваше од жици, дрва и друг материјал, а познати се и неговите, за под прицврстени скулптури, наречени стабили, како и едноставните скулптури слични на цртежи со жица.
Во МСУ во Скопје имаме две дела од Кладер. Имено, во 1964 г. тогашниот директор на музејот, Борис Петковски, се обрати со писмо до Калдер со молба да подари едно дело на новоформираната институција. Одговорот набргу пристигна и во него беше истакната желбата за директен контакт. Така, следната година Петковски го посетува уметникот во ателјето во селото Саше (Франција), при што се определува за едно од неговите мобили. Калдер бил изненаден од неговата скромност и му понудил уште едно негово дело – гваш што му го посвети на градот Скопје. Инаку, Калдер ја следи својата основна идеја скулптурата да ја внесе во духот на кинетиката. Од крајот на 1950-тите и почеток на 1960-тите создаде серија лебдечки билки од лесен метал и тенка жица, на која припаѓа и „Црвениот полигон“, дело вклучено во колекцијата на МСУ.