„Црвенкапа“ во нова продукција премиерно во Велешкиот театар

158

Театарот „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ од Велес денеска напладне за организирана посета од ученици премиерно ја изведе претставата „Црвенкапа“ адаптирана од Сашо Димоски и во режија на Деан Дамјановски.

Се работи за современа адаптација на добропознатата сказна за Црвенкапа и лошиот волк и е наменета за деца и младинци. Покрај комичниот и забавен елемент, претставата е и едукативна, споредувајќи ги безбедноста на градот наспроти опасностите на шумата, ја нагласува и презафатеноста на родителите и преокупираноста на децата со мобилните телефони, а укажува и на потребата да се консумира здрава храна.

Во ликот на Црвенкапа настапи Славица Манаскова, а другите улоги од  познатата приказна ги играа: Васил Зафирчев; Кети Борисовска; Весна Димитрова-Бобевски и Самоил Стојановски. Сценограф е Филип Коруновски, костимограф Катерина Чукниева, а автор на музиката – Сашко Костов.

Следната изведба на претставата е на 21 март. Ќе има уште неколку изведби со организирани посети за децата од градинките и основните училишта во Велес, а потоа претставата ќе биде ставена на редовниот репертоар на Велешкиот театар.