Центарот за култура во Дебар со низа културни случувања до крајот на годинава

215

И покрај проблемите со коронавирусот кои се чувствуваат во сите сфери на човековото живеење, Центарот за култура во Дебар, сепак, во рамките на годишната програма за работа, планира реализација на низа културни настани од сите дејности, и тоа од фолклорната, музичката, ликовната, издавачката, меѓународната и останатите дејности, кои се дел од културата.

Така, вечерва во 20 часот во центарот на културата во Дебар, ќе се реализира самостојна изложба на младиот сликар од овој град Тахир Циоли, кој ќе се претстави со 30 дела, графики и ликовни творби во техника масло на платно. Изложбата во најзападниот град во земјава, ќе биде отворена до 5 септември, до кога ќе можат да ја видат љубителите на убавата уметност од овој град.

Директорот на Центарот за култура Зинче Мимидиноски, изрази големо задоволство што му се дава можност на еден млад уметник од Дебар, да реализира самостојна изложба, со што ја промовира и својата уметничка вредност. Тој додаде дека изложбата ќе се реализира според сите протоколи за заштита и превенција од ковид-19.

На крајот Мимидиноски ги најави и следните активности од областа на ликовната дејност што ќе се случат во изложбениот салон, а тоа се две самостојни изложби на академските сликари Адем Сулејманоски и Дритан Боцку.

Инаку, изложбите финансиски се подржани од Министерството за култура, како проекти од национален интерес. З.А.