Христос воскресе

423

Околу 300 милиони луѓе низ светот овој викенд ќе го слават Христовото воскресение – Велигден. Според јулијанскиот календар се празнува во: Македонија, Грција, Кипар, Бугарија, Албанија, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Русија, Белорусија, Украина, Грузијa, Молдавија, Романија, Либан, Египет, Етиопија и уште неколку други земји во кои (како малцинство) живее население со православна вероисповед.
Велигден е празник што се прославува по пролетната рамноденица (21 март), по еврејскиот празник Пасха и во првиот ден недела по полната Месечина. Празникот Велигден го менува датумот, но секогаш мора да се падне во недела.

За долгорочно одредување на денот кога се прославува Велигден, во православната црква се користи Гаусовата формула. Наречена е според нејзиниот творец, Карл Фридрих Гаус (1777-1855), еден од најголемите светски математичари. Таа е малку покомплицирана и не ѝ е местото во една музичка приказна, па ќе ја заобиколам.
Обичаите поврзани со најголемиот христијански празник се разликуваат од земја во земја, но сите земји ги обединува вапсувањето црвени јајца и велигденскиот поздрав „Христос воскресна! Вистина воскресна!“ (модифициран на различните јазици што се користат во православните земји). Заедничка за сите земји е и Велигденската литургија во црквите, проследена со црковно пеење.

Православната христијанска музика е вокална, се пее без инструментална придружба, за разлика од католичката музика, која е инструментална или вокално-инструментална.

Православното пеење е, всушност, византиско, иако најчесто на старословенски текстови. Без оглед на историските, музиколошките и културолошките услови во кои се развивал богослужбениот репертоар, православните христијани ги сметаат своите песни за свет дар од бога. И во духот на празничниот поздрав, на Велигден во црквите се пее „Христос воскресна од мртвите, смртта со смрт ја погази и на оние во гробовите живот им подари.“ Со само неколку збора и на кратка, но торжествена и свечена музика, ја доловува суштината на празникот – Христос ја победи смртта, воскресна од мртвите и на сите ни дари живот и нѐ ослободи од моќта на смртта и гревовите.

Лада Шоптрајанова Петровска