Хрватскo решение за скулптура слична на „Ист вест гејт“ во Њујорк

56
„Изненаден сум, но не сум глуп да копирам!“, изјави архитектот Никола Башиќ

„Изненаден сум, но не сум глуп да копирам!“, изјави деновиве познатиот хрватскиот архитект Никола Башиќ за „Јутарњи лист“, откако неговото авторско решение за ликовно решавање на спомен-обележјата за гробиштата на жртвите од Втората светска војна и повоениот период победило на конкурсот на Хрватското друштво на ликовните уметници, а новинарите му укажале дека во Њујорк од 1973 година постои скулптура што фрапантно личи на неговиот споменик.

Насловот на њујоршката скулптура е „Ист вест гејт“, авторот е Јају Јанг, а тркалезниот монолит, кој е дел од неа, има и огледало во кое се огледува Вол стрит. „Ист вест гејт“ се наоѓа во центарот на Њујорк, во една од најпрометните зони и е честа заднина на фотографии што се поставуваат на социјалните мрежи, односно за минувачите е една од поинтересните за правење самослик. Минувачите најчесто и се фотографираат до тоа огледало во кое, всушност, се рефлектира една од најпознатите берзи на светот, а скулптурата е направена од не’рѓосувачки челик. Нејзиниот автор, Јају Јанг, е роден во Тајван во 1926 година, студирал во Пекинг и во Токио, а умрел во 1997 година. По повод ова свое дело тој изјавил: „Моите скулптури, а особено оваa, сакаат да го постават човекот во хармонија со природата“. Кругот во Јанговата скулптура е „отсечен“ и излегува од квадратот, а всушност тоа е и формата на Башиќевата скулптура, која би требало да биде поставена низ цела Хрватска, во различни димензии. Кругот на Никола Башиќ притоа на себе, во некои варијанти, би имал крст, односно други верски симболи.

– Искрено сум изненаден и затекнат со очигледната коинциденција на споменичните облици. Меѓутоа, ја знам патеката на моите мисли и на моите намери. Тие се сублимирани во симболичен облик, чиј резултат е асоцијацијата на камен стркалан од Христовиот гроб. Сѐ друго е чудна коинциденција. Бидејќи станува збор за примарни геометриски форми, сличности од ваков вид се можни. На оние што ќе помислат дека станува збор за плагијат сакам да им кажам да не се сомневаат во мојата интелигенција. Би бил навистина глуп во нашиот свет на конвергентни идеи, мисли и информации, за предлошка на своето конкурсно решение да земам скулптура изведена во јавен простор на најзначајната светска метропола. На оние што и после тоа ќе веруваат дека станува збор за плагијат, навистина не можам да им помогнам – им изјавил на новинарите Никола Башиќ, кога му ја покажале Јанговата скулптура.

Трудовите од споменатиот конкурс во овој период се изложени во Хрватското друштво на ликовните уметници, во галеријата „Буре“, а на него Башиќ учествувал со предлог-скулптурата што ја изработил со својот соработник Крешимир Дамјановиќ. Претходно Здружението на архитектите на Хрватска одбило да распише конкурс за спомен-обележјата за гробиштата на жртвите од Втората светска војна и повоениот период. Имено, во неговите пропозиции стоело дека „целта на подигање на спомен-обележјето е на примерен, достоинствен, читлив и единствен начин да им се оддаде почест на жртвите на сите тоталитарни режими од Втората светска војна и повоениот период“.

Неколку архитекти од раководството на здружението изјавиле дека со таквиот профил на конкурсот се подгрева континуирана идеолошка војна. Откако архитектите одбиле, конкурсот го распишало Хрватското друштво на ликовните уметници. Башиќ, пак, во неодамнешно интервју за истиот весник изјавил дека не смета дека со таквиот конкурс се подгрева граѓанската идеолошка војна и дека спротивно на тоа, таквиот споменик е катарзично генерациско намирување на долгот. Целта му била да се направи универзален знак, кој ќе обележи различни места на страдање, знак што немал никаква симболика, па дошол до геометриска апстракција. Така поставениот споменик, смета Никола Башиќ, допушта секој да има своја асоцијација.