Хрватските медиуми: Неповторливо доживување на амбиентален театар

62

По низа години, конечно „Сплитско лето“ доби полнокрвна амбиентална театарска претстава, Есхиловата „Орестија“, која премиерно во режија на Дејан Пројковски беше изведена на како од бога дадената локација за такво дело, на падините на планината Мосор, покрај Ситно Горње близу Сплит, пишува хрватски „Вечерњи лист“. Претставата е избрана за најдобра на фестивалот.
Новинарот на весникот прави своевидна репортажа за локацијата до која тешко се стигнува на 36 степени „кога горат небото и асфалтот, додека дотерани дами и господа со шишиња вода и ладала се искачуваат по падините да ја видат тричасовната претстава на Пројковски“.

– Нешто е по 20 часот. Претставата почнува, сонцето само што заоѓа. Пука погледот на морето, на градот, на островите. Од десната страна се гледаат карпите на Мосор. Полно е песок на сцената, изгорени стебла. Направиле и базен. Амбиентот преубав. Измислен. Со фудбалски речник кажано, едноставно неописливо. Тоа треба да се доживее – пишува „Вечерњи лист“.

Трилогијата наречена по Орест, Клитеместрина и Агамемноновиот син, го следи последниот циклус во низата крвни одмазди во семејството Атрида. Трае три часа, со една пауза.

– Гледачот го држи прикован. Прекрасен простор, соодветна сценографија стопена со природата (Валентин Светозарев), одлична музика (Горан Трајкоски), погодена костимографија (Младен Радовниковиќ), извонредни глумачки остварувања. Одличен проект, многу успешно и впечатливо – пишува весникот.

Претставата на македонскиот режисер беше изведена во рамките на 64-то издание на „Сплитско лето“, каде што имаше четири изведби. Два и пол века старата трилогија (составена од три трагедии) на познатиот грчки драматург се занимава со семејното насилство, со семејните гревови и проклетства, каде што синот ја убива својата мајка за да го одмазди својот татко Пројковски, кој со Есхил се занимава вторпат во кариерата, во интервју за „Слободна Далмација“ посочи дека класичните текстови треба да се третираат/обработуваат со почит, а не да се допишуваат и да се преправаат, бидејќи се случува луѓето да купат билети за одреден наслов, а да видат нешто сосема друго. И иако трилогијата „Орестија“ во поголем дел е скратена, трае три часа, сепак Пројковски напоменува дека драматургот Јасен Боко крател многу внимателно, како уредник, стих овде, реченица онде, за да се зачуваат структурата и убавината на делото.

Во пресрет на премиерата, прашан зошто теренот требало да се рамни и на него да се гради базен, режисерот посочува дека потребна била вода, четвртиот елемент.
– Имаме запалени борови од ланскиот пожар, кои ја претставуваат младоста на хероите што изгинале под Троја, потоа ги имаме земјата и воздухот, сè древно, прастаро, кое ги памети проклетите векови на војни и пролеана крв. Да, вистинскиот амбиент за грчката трагедија овде може да се намириса. Овде можеме да играме слободно, и фатално и брутално – вели Пројковски.

Сценографот и верниот соработник на Пројковски, Валентин Светозарев, за претставата искористи стотина борови што изгореле во ланскиот голем пожар што ги зафати планината и околината на Сплит. Теренот, кој е направен за претставата, месното население потоа ќе го искористи за спортски активности. По „Сплитското лето“ дополнително ќе биде уреден, а за да биде во функција на претставата на просторот биле донесени 300 тона материјал. Просторот е идеален за претстава бидејќи оттаму се гледа цел Сплит.
Наградуваниот македонски режисер за хрватските медиуми изјави дека е задоволен и среќен со премиерата.

– На овој митски сценски простор сите уживавме, а особено ми е драго што од реакциите на публиката се гледа дека таа го „прочита“ сценскиот јазик на претставата, кој освен со текстуален дел ја раскажува приказната и визуелно – вели Пројковски. 


Жири: Дело со висока естетика

Жирито на „Сплитско лето“ едногласно ја прогласи „Орестија“ за највисоко уметничко достигнување на 64-то издание на фестивалот.
– Испитувајќи ја со Есхил човековата природа полна со немири, двоумења, мрачни нагони, но и желба за воспоставување хармонија, креаторите на претставата изнедрија во синергија дело на висока естетика и со квалитетни глумачки остварувања. Со „Орестија“ со тоа е создадена и нова летна сцена со величествен поглед на градот, морето и островите, а Сплит по долго време доби вистинска амбиентална претстава. Честитки! – напиша жирито.