Хрватскиот филм „Устав“ најдобар на фестивалот SEE Berlin 2018

486

Во култното кино Бабилон во Берлин синоќа, со прогласување на победниците во повеќе категории, заврши овогодинешното издание на Фестивалот на кинематографиите на Југоисточна Европа – SEE Berlin 2018.

Како што соопшти Универзитетот ЕФТА, интернационалното жири за најдобар филм на фестивалот го прогласи филмот Устав на Република Хрватска, во режија на Рајко Грлиќ, чиј копродуцент е македонската продукциска куќа „Револушн Продукција“.

Најдобар актер на фестивалот беше постхумно прогласен Небојша Глоговац,  најдобар режисер Едон Ризваноли за косовскиот филм „Непосакувано“, а најдобра актерка Горица Поповиќ за улогата во српскиот филм „Козји уши“.  

Традиционалните награди за животно дело им беа доделени на големиот романски режисер Луциан Пинтилие и бугарската актерка Цветана Манева. Престижното признание Личност на Југоисточна Европа Берлин 2018 (SEE Personality 2018) во областа на економската европеизација на Балканот му беше доделена на Кирил Самарџиоски од Прилепската Пиварница. Наградите Europa Prima 2018 беа доделени на Маркус Ингенлат и Батрис Ангранд, директори на Германско-францускиот офис за млади.

Фестивалот на  Југоисточна Европа продолжува во Париз од 30 мај до 2 јуни, на кој ќе се обрати француската министерка за култура Франсоаз Нисен, бидејќи од оваа година фестивалот ќе се одвива под покровителство на  Министерството за култура на Република Франција.