Хрватската поетеса Моника Херцег добитник на наградата „Мостови на Струга“

129

Годинашен добитник на наградата „Мостови на Струга“, што ја доделува фестивалот Струшки вечери на поезијата (СВП), под покровителство на УНЕСКО, за најдобра дебитантска книга е прогласена хрватската поетеса Моника Херцег. Признанието е за нејзиното првенче „Почетни координати“ (Početne koordinate), збирка објавена во текот на 2018 година.

Годинешното издание на фестивалот ќе се одржи од 21 до 28 август.

Моника Херцег е родена во 1990 година во Сисак, Хрватска. Гимназија завршила во Петриња, а студира физика на Универзитетот во Риека. Живее во Загреб. Уредник е на загрепското списание „Поезија“, како и на неговиот книгоиздавачки оддел.

Нејзината дебитантска збирка „Почетни координати“ е високо оценета од хрватската критика и во годината на нејзиното објавување се закитува со неколку награди. Така, во 2018 година, во својата земја, Херцег ја добива наградата „Квирин“, која се доделува на поети помлади од 35 години, како и наградата „Фран Галовиќ“, која се доделува на најдоброто книжевно дело на тема родниот крај и/или идентитетот.

Можеби најласкавото признание за „Почетни координати“ на Моника Херцег е наградата „Славиќ“ за најдобра дебитантска прозна или поетска книга, што годинава ѝ ја додели Друштвото на хрватските писатели.

Но, тоа не е нејзината прва награда за оваа стихозбирка. Во 2017 година младата поетеса ја добива наградата за дело во ракопис „Горан за млади поети“ (Goran za mlade pjesnike) од хрватскиот поетски фестивал „Горанова пролет“ (Goranovo proljeće).

„Ако поезијата навистина доаѓа од оностраното, тогаш оваа книга е искуство блиско до надземното, митолошкото. Таа е полна со зима, спротивставена на топлината што ја зрачи огништето во куќата, околу кое авторката собрала ликови што се своевидни носители на наративот во секоја песна, а тоа се членовите на семејството, бабите и дедовците, кои цело време се на границата меѓу земното и прекугробното, кажувачи на скриеното и суптилното во светот што го опкружува читателот…“, пишува Мирко Божиќ во „Модерна времена“.

Втората книга на Моника Херцег, која е сѐ уште во ракопис, е добитник на наградата „На врх језика“ за најдобра неиздадена поетска книга за 2018 година. Таа годинава би требало да биде испечатена.

Младата поетеса е избрана во 2019 година да ја претставува Хрватска во проектот „Версополис“, во кој учествува и СВП. Наградената книга според правилата од страна на Струшките вечери на поезијата ќе биде објавена во тријазично издание (хрватски, македонски и англиски јазик). Таа ќе биде претставена за време на годинешното издание на фестивалот (21-28 август) кога и ќе ѝ биде врачена наградата.