„Холивуд рипортер“: „Бикини Мун“ е трогателен, лажно циничен и безобразен

60

Одлична рецензија се појави во најпознатиот филмски магазин „Холивуд рипортер“ за филмот „Бикини Мун“ на Милчо Манчевски. За филмот се вели дека е „импресивна медитација за процесот на создавање документарец“. Во рецензијата, која ја напиша една од најреномираните американски филмски критичарки Дебра Јанг, се вели дека тоа е животворен филм што провоцира на размисла, оди по работ на експерименталната категорија, а ликовите се циничен филмски автор, либералка со меко срце и непредвидлива скитница, која има скриено богатство.
– Филмот е елегантен, со њујоршка опуштена иронија што лесно те вовлекува… Со допир час лесен, час тежок, наизменично трогателен, лажно циничен и безобразен, режисерот има целосна контрола на комплексниот материјал – пишува Јанг.
Според неа, главна фасцинација во филмот е енигматичната Кондола Рашад и нејзината повеќеслојна игра како харизматичната но ментално нестабилна воена ветеранка од Ирак. Таа исто така вели дека „Бикини Мун“ е нејзин втор омилен филм од Манчевски по „Пред дождот“.