„Хадерсфилд“ вечерва на драмскиот репертоар на „Охридско лето“

39

Загрепскиот младински театар од Хрватска вечерва на фестивалот „Охридско лето“ ја носи театарската претстава „Хадерсфилд“ од Угљеша Шајтинец, а во режија на Рене Медвешек. Драмата ќе се одигра во Центарот за култура „Григор Прличев“ со почеток во 21 часот.

„Хадерсфилд“ е мрачна, потресна и духовита приказана за една триесетгодишна генерација, која ги доживува последиците од војната и не гледа пред себе никаква иднина.

Со враќањето на еден од ликовите во родниот град од Западен Јоркшир во Зрењанин, а во хрватската верзија во Карловац, се прикажува можноста за поставување на оваа приказна во кој било град во јужниот дел на европските земји во транзиција и премин кон т.н капитализам. Со оваа промена ликовите веруваат дека започнува рај на земјата, а дочекуваат војни, тајкуни, криминал, невработеност и грчеви во стомакот. Од овие земји, Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина и други, илјадници млади луѓе денес секојдневно заминуваат не знаеме каде, не сакајќи да се свртат наназад, а оние што остануваат тука, живеат живот со постојани разочарувања и незадоволство.

„Гледаш, мене Хадерсфилд ми звучи сончево” – во оваа едноставна реченица, која при крајот на претставата како реплика ја изговара еден од протагонистите, сместен е цел брутален но неверојатно порозен свет.

Улогигите во драмата ги играат: Дадо Чосиќ, Адријан Пездриќ, Матео Видек, Дамир Шабан, Филип Нола, Бернард Томиќ и Тина Орландини.

Адаптацијата и драматургија на претставата ги направи Томислав Зајец, сценографијата е на Тања Лацко, а костимите ги изработи Дорис Крстиќ.

Угљеша Шајтинец е еден од најзначајните современи српски драматурзи, добитник на голем број награди вклучувајќи ја и Европската награда за литература, како и Стеријина награда за „Хадерсфилд“ во 2005 година. Наведената театарска претстава, исто така, беше поставена во Југословенско драмско позориште (ЈДП) во Белград и со десетгодишното опстојување на репертоарот и гледаноста, стекна култен статус, како и истоимениот филм кој беше наградуван повеќепати.