Филхармонијата со два концерта на отворено

640

И годинава, следејќи ја традицијата, на крајот од сезоната Македонската филхармонија излегува надвор од институцијата, надвор од стандардната концертна практика.
На 23 и на 29 јуни, Македонската филхармонија ќе реализира два концерта под заеднички наслов „Филхармонија на отворено“ во Градскиот парк со почеток во 21 часот, а во соработка со Младинскиот културен центар и со градот Скопје. Првиот концерт ќе се одржи на 23 јуни (недела) и носи наслов „Ну Погоди“. Станува збор за уникатен проект каде што ќе бидат изведени познатите теми од култните цртани филмови од земјите од Источниот блок, кои го обележаа детството на генерациите од 1970-тите и 1980-тите години.

Во аранжмани на извонредниот Владимир Николов, а под диригентската палка на Џијан Емин, ќе бидат изведени темите од „Балтазар“, „Ну Погоди“, „Как Казаки“, „Козле Бозле“, „Густав“, „Балтазар“, „Мечето Ушко“…, и тоа проследени со специјална видеопроекција, како и со спектакуларен светлосен дизајн. Вториот концерт ќе се одржи на 29 јуни и ќе биде насловен „Љубов и револуција“, повторно под диригентство на Џијан Емин. Во негови аранжмани ќе бидат изведени едни од најпопуларните песни од сферата на поп-рок и панк-музиката, која претежно ги одбележа 1990-тите години. Заедно со оркестарот на Филхармонија, ќе настапи и хорот „Про арс“ чиј диригент е Сашо Татарчевски, а кој ќе биде всушност главниот носител на проектот. Ќе бидат изведени песни на култните „Рејдиохед“, Ник Кејв, „Бисти Бојс“, „Продиџи“, „Нирвана“, Дејвид Боуви, „Секс Пистолс“, „Клеш“, Џими Хендрикс, „Пинк Флојд“, „Рамштајн“…
И овој концерт, како и првиот, претставува уникатна идеја во смисла на тоа ваков тип композиции да бидат изведени од страна на симфониски оркестар и хор, што е ретка практика и во светот.