Филозофски филмски фестивал од 12-ти до 19 април

356

Осмиот Филозофски филмски фестивал од 12-ти до 19 април во официјалната програма ќе прикаже шест долгометражни и 22 кратки филмови кои ќе се натпреваруваат за наградите „Златен був“ – за најдобар филм од жирито и од публиката.

Програмата на прес-конференција ја соопшти Филозофското друштво, организатор на фестивалот што ќе се одржува во Кинотеката на Македонија. Втора година тој е меѓународен и ќе има гости – режисери, професори, предавачи од неколку земји. 

Во селекцијата долги филмови, избрани од Кирил Трајчев, професор на Филмската академија на Штипскиот универзитет, се унгарскиот „Граѓанинот“ на режисерот Роланд Враник, украинскиот „Шопенхауер шизофренија“ на Аристарх Нескупов, бразилскиот „Млади и бедни“ во режија на Тиаго Б. Мендонса, романскиот филм „Крај мене“ на Теди Некула, германско-косовската копродукција „Ехо“ на режисерот Дрен Жерка и иранскиот филм „Долг ден“. Кратките филмови, избрани од селекторот Дејан Здравков, ќе бидат прикажани во две вечери, на 15-ти и 16 април. 

Шест филма ќе бидат прикажани и во ревијалната програма „Филм-филозофија“ во која излагања ќе имаат повеќе универзитетски професори и режисери од Македонија и странство. Ќе има и едукативна програма посветена на најмладата публика и ФФФ Караван по завршување на фестивалот – патувачко кино со филмови од  главната програма во Штип, Свети Николе, Прилеп, Битола и Охрид. 

Директорката на фестивалот Ана Дишлиеска-Митова рече дека главна одлика на фестивалот е синергијата меѓу филмот и филозофијата што, рече, е нова дисциплина во светот. 

–  Има огромен интерес од студентите и веќе со публиката заедно го создаваме фестивалот. Очекуваме заеднички и да размислуваме  – не само за филмот како забава, туку за филмот зад кој стојат луѓе што размислуваат и во кој се што е поставено има свои зошто и затоа, рече Дишлиеска-Митова. 

Фестивалот почна во 2010 година во организација на Институтот за филозофија, а сега е поддржан од Агенцијата за филм на РМ, Министерството за култура и Град Скопје. Соработува и со Филозофскиот факултет на УКИМ и со четирите филмски академии (Скопје, Штип, Охрид и Универзитеот ЕФТА).