Филмскиот фестивал „Џифони патува“ во Кавадарци

24

Фестивалот „Џифони Македонија“ продолжува да патува низ нашата земја. Кавадарци е шеснаесетта општина каде што деновиве се одржува филмскиот фестивал за млади „Џифони патува во Кавадарци“ во домот на културата „Иван Мазов-Климе“. „Џифони патува“ е проект наменет за младите од нашата земја, кој преку ширење на идеите на најголемиот фестивал за млади во светот „Џифони експириенс“ од Италија активно ги вклучува младите вљубеници во филмот и културата. Во текот на двата дена младите учесници ќе гледаат филмови и ќе дискутираат за темите на филмовите со актерот Роберт Ристов, кој ќе биде ментор на актерската работилница. Младите од Кавадарци ќе ја развиваат својата креативност и преку работилница за фотографија под менторство на професорот Роберт Јанкулоски, а ликовната работилница ќе ја води Моника Мотеска.

Фестивалската програма „Џифони патува“ во Кавадарци се одржува со финансиска поддршка на Агенцијата за филм и фестивалот „Џифони експириенс“ од Италија, во соработка со општината Кавадарци, домот на културата „Иван Мазов-Климе“ и италијанската амбасада во Скопје.