Филмот „Ругање со Христос“ со светска премиера на фестивал во Монтреал

219

Македонскиот игран филм „Ругање со Христос“, финансиран од Агенцијата за филм на Македонија и работен во соработка со продукции од Грција, Албанија и Словенија, светска премиера ќе има на Филмскиот фестивал во Монтреал кој се одржува од 23 август до 3 септември годинава.

Филмот е селектиран во официјалната „World Selection“ и ќе биде прикажан на 30 август во 21:30 часот во Империјал салата на фестивалот. Ова на денешната прес-конференција го соопшти продуцентот и режисер Јани Бојаџи.

– Тоа за нас е успех и обврска за понатаму. Веќе имаме договорено филмот да се прикаже уште на четири фестивали во Европа. Во октомври-ноември годинава фестивалот ќе биде прикажан на фестивали во Германија, Шпанија, Франција, Велика Британија, Грција, Јапонија и Јужна Кореја – рече Бојаџи и додаде дека планираат и македонска премиера.

Најави дека целото внимание во следниот месец како продукција ќе го посветат само на тоа како филмот да го промовираат тука.

– Сфативме дека си ја изгубивме ние филмаџиите публиката обидувајќи се себе си да се претставиме некаде надвор. Ќе се обидеме овојпат да се вратиме дома и ќе направиме сė фимот да го види публиката во Македонија, во сите градови каде што има услови за филмска проекција, а тоа се 15-тина градови – рече Бојаџи. Информира дека премиерата во Македонија е закажана за почетокот на октомври.

Во Кинотеката на Македонија присуствуваше дел од уметничката екипа и актерите Мето Јовановски, Марина Поп Панкова, Андреј Серафимовски и други. Прикажани беа првиот трејлер и воена сцена од филмот во траење од седум минути.

Во овој филм четири приказни се раскажуваат одделно, секоја за себе, но сите заемно се вкрстуваат во една приказна. Се работи за Александар Филипопулос (Љупчо Тодоровски, Македонија), новинар во познат политички магазин во Париз, кој по потекло е од Грција.

Во деновите кога неговиот личен и професионален живот е на крстосница добива писмо од неговиот братучед Вани (Младен Крстевски, Македонија) од неговото родно село Герман дека татко му Лазар (Мето Јовановски, Македонија) умрел во Македонија.

Александар во Франција ја напушта неговата сопруга Магда (Јана Клејн, Франција) и од Париз се враќа во Атина, а од таму во неговото родно место, селото Герман (Агиос Германос) на северот од Грција покрај Преспанското Езеро. Оттаму тој тргнува во потрага по вистината за тоа кој всушност бил неговиот татко Лазар.