Филмот „Бикини Мун“ од вечер пред македонската публика

116

Во кино „Милениум“ вечер од 20 часот скопска премиера ќе има петтиот игран филм на Милчо Манчевски – американскиот „Бикини Мун“ кој македонскиот режисер во целост го сними во Њујорк со меѓународна екипа.

По првата, филмот вечер ќе има уште една проекција – од 22 часот, а од утре ќе биде на редовниот репертоар на киното, од 20 и од 22 часот.

„Бикини Мун“ е современа трагедија за жена (улогата ја игра актерката Кондола Рашад), која била војник во Ирак и по враќањето живее како бездомник на улица во Њујорк, и затоа што е ментално нестабилна, и ја одзеле ќерката.

– Нејзиниот поглед на стварноста, затоа што е ментално нестабилна, затоа што е повратник, е одлична порта во испитувањето на она што не интересира во овој филм, а тоа е нашиот однос кон вистината и тоа како медиумите, во случајот документарниот филм, ја менуваат вистината за која известуваат, рече Манчевски на прес-конференција.

Светската премиера на филмот беше на фестивалот во Сао Пауло, Бразил, а американската на Синеквест фестивал во Сан Хозе, Калифорнија. На 38. Меѓународен филмски фестивал „Фантаспорто“ во Порто филмот ја освои специјалната награда од жирито.

Ќе биде прикажан и на фестивалите во Сарасота во Флорида, во Истанбул, има покана за Филмскиот фестивал Менхетен во Њујорк, во Франкфурт и Нешвил во мај.

Во главните улоги се и Сара Голдберг, Вил Џеновиц, Сатја Сридхаран и Микал Мишел Харис. Директор на фотографија е Џошуа З. Вајнстин. Покрај режисерот Манчевски, во процесот на создавање на филмот од Македонија учествуваа и композиторот на музиката Игор Василев Новоградска и дизајнерот на визуелни ефекти Мишо Ристов.

Пред проекциите на „Бикини Мун“ во „Милениум“ ќе се прикажува и петминутниот експериментален филм на Манчевски „Крајот на времето“.