Фестивалски форум за развој на креативните индустрии во МКЦ

649

Фестивалскиот форум за развој на креативните индустрии во Македонија е еден од најважните настани на претстојниот фестивал „Скопје креатива 2018“. Форумот ќе се одржи на 12 мај (сабота) од 13-14.30 часот во кино „Фросина“ во МКЦ. Модератор ќе биде Нина Николиќ, претприемач.

Во првата сесија „Прототипи во дизајнот и уметноста“ ќе бидат претставени проектите: „Еко книга“ – илустрирана книга за деца со семиња („Визарт“), потоа „Леа Смеа“ – тактилна сликовница за деца (Факултет за арт и дизајн, Европски универзитет, Скопје), чиј коавтор е Јана Манева – Чупоска, „Бирократски лавиринти“ – рачно изработена книга (Иван Ивановски, Билјана Димитрова), „Мамка“ – проект дизајн (Марија Милошевска, „Доминум“) и „СОС брутализам“ – накит („Виенолоџи“). Во втората сесија на тема „Хабови, стартапи, колаборативни простори“, учесници се: „Криејтив хаб Скопје“ на Филип Манојловски, „Модулар.мк“ – онлајн креативна заедница и продажни галерии (Нина Нинеска), „Создади ком“ – онлајн платформа (Илина Вељановска).

Трета сесијата ќе се занимава со иновации и инвенции, а ќе бидат претставени проектите: Прототип – фабрикувани елементи од лесен еко бетон („Ведралит Еко  Дом“), Мебел од отпадно железо (Андреј Миновски), Народна техника – Скопје (Звонко Петровски). Во четвртата сесија на тема „Културен туризам“ учесници се: ИКОМОС МК (Лазар Шуманов), Агенција за развој на туризмот во Македонија (Љупчо Јаневски) и „Хаемус – Македонија“ (Василка Димитровска). Петта сесија ќе биде посветена на фондови и фондации, а ќе бидат презентирани Фондот за иновации и технолошки развој на РМ (Катарина Кречева), „Јес фондација“ (Софија Цали Кузманова), Центар за истражување (Златко Симоновски).

– Целта на вториот Фестивалски форум за развој на креативните индустрии е поврзување на сите сектори и професии кои тематски влегуваат во фокусот на креативните индустрии. Во креативни индустрии влегуваат: современ дизајн (продукт, индустриски, графички, моден дизајн …); традиционална и современа архитектура/ентериер (мебел дизајн); занаети (традиционални и современи методи); новите медиуми: видео филм, анимација, видео игри, ТВ, радио, фотографија; ИТ сектор: веб-дизајн, дизајн на софтвери, вештачка интелигенција …; образование и издаваштво; културното нематеријално и материјално наследство во музеите, галериите, библиотеките, локалитетите; креативен ПР, маркетинг и менаџмент; културен туризам. Фестивалскиот форум поврзува, квалитетно и наменски, ја збогатува својата дата-база и овозможува професионалците да се сретнат, настапат и претстават, да се запознаат меѓусебе преку сопствената работата и креативност; притоа да ги почувствуваат, опипаат и препознаат сите можности за нови содржински спојки и меѓусебни колаборативни интерсекции. Креативните индустрии претставуваат инспирација од искуствата на минатото, трансформирани во современи содржини и медиуми. Заедно се поврзуваме, заедно решаваме проблеми за поквалитетно секојдневие – велат организаторите на „Скопје креатива“ од Град Скопје и Конгресен центар „Александар Македонски“.

Учесниците на овој форум ги претставуваат своите последни (најнови) проектни достигнувања и фазата на својот развој и придонес.