Фестивалот во транзиција

56
Берлинскиот филмски фестивал секоја година привлекува над 350.000 посетители

Уметничкиот директор Дитер Кослик го замени порадикалниот Карло Чатриан, но останува да видиме дали ќе биде слободен како во Локарно. Од годинешното издание, хрватски „Нови лист“ го издвојува токму новиот филм на Теона Стругар Митевска, „Бог постои, името ѝ е Петрунија“, чија хероина го разорува строго кодираниот мачистички православен универзум, како што пишува весникот.

Годинашното 69-то Берлинале наедно е и простување од досегашниот уметнички директор Дитер Кослик, а транзиција се случи во паралелните фестивалски селекции. Откако кормилото на „Панорами“ го напушти нејзиниот легендарен селектор Виланд Спек, го наследи Паз Лазаро, со геј-тандемот Стуц и Струк. Ланската селекција на оф-програмата „Форум“ беше последна и за нејзиниот долгогодишен директор Кристоф Терхехте, кого го замени селекторски комитет, во чиј состав се Милена Грегпр, Бригит Кохлер и Стефани Шулте Стратхаус.

Берлиналето е отворено со проекција на филмот „Добрината на странците“, на Данката Лона Шерфиг, за сопственик на руски ресторан во Њујорк.

На Берлинале годинава се враќаат турскиот синеаст Емин Алпер, со „Приказна за три сестри“, и Ванг Ксиаошуаи, со драмата „Збогум, сине“. Генијалниот Надав Лапид ќе го претстави својот прв долгометражен филм снимен надвор од Израел, „Синоними“. Агнешка Холанд доаѓа со „Мистер Џонс“, кој ја следи средбата на еден велшки новинар и Џорџ Орвел.

Единствен документарен филм во конкуренција е интимистичкиот „Варда пар Ањес“, во режија на Ањес Варда.

Со фестивалското жири претседава Жилиет Бинош.

За новиот филм на Теона Стругар Митевска, „Господ постои, името ѝ е Петрунија“, се закажани осум проекции во 11-те дена на Берлиналето, а билетите се веќе распродадени. Официјалната премиера на првиот македонски долгометражен игран филм во натпреварувачката селекција во Берлин ќе биде в недела, 10 февруари, во 16 часот, на која ќе биде приредена и специјална македонска вечер со македонскиот бенд „Фолтин“.

– На булеварот на ѕвездите „Але дер стерне“ од минатата недела веќе се поставени и огласни табли со официјалниот постер на „Господ постои, името ѝ е Петрунија“, а првата премиера ќе биде прикажана на 10 февруари, од 16 часот, пред повеќе од 1.800 меѓународни посетители. Првите проекции се закажани уште пред официјалната премиера, на 7 и 9 февруари, кои се ексклузивни, затворени и организирани од страна на францускиот агент за продажба „Пирамид“ за заинтересираните купувачи, додека на денот на премиерата, 10 февруари, филмот прво ексклузивно ќе биде прикажан пред новинарите, по што ќе следува и официјалната прес-конференција со екипата на македонскиот претставник за „златната мечка“ – соопшти продукцијата „Сестри и брат Митевски“.

Светската премиера на филмот ќе биде в недела, во 16 часот, во главната сала „Берлинале паласт“, а следниот ден, 11 февруари, се закажани две прикажувања, од 9.30 и од 18.15 часот во големата сала „Фридрихштадт паласт“, која има капацитет од 1.900 седишта.

– На 12 февруари филмот ќе биде прикажан и во локалното кино „Би-вер! Ладенкино“, во рамките на специјалните прикажувања „Берлинале гоес кајц“, чија цел е да го доближат Берлиналето до локалните уметнички киносали во Берлин. На овој начин фестивалот им оддава почит на киносалите што ја поддржуваат кинокултурата во текот на целата година. Во исто време, преку овие специјални прикажувања, на публиката ѝ се дава можност да ја проследи селекцијата на Берлинале во својата локална населба, но и да размени мислења и коментари со авторите на филмот. Дополнително прикажување е закажано и на денот на затворањето на фестивалот, 17 февруари, во „Хаус дер Берлинер фестшпиле“ – наведува продукцијата на филмот.

Соопштува и дека на 12 февруари, од 14 часот, во театарот „ХАУ2“, сестрите Лабина и Теона Митевски ќе одржат мастерклас во рамките на програмата „Берлинале талентс“.
Берлинскиот филмски фестивал секоја година привлекува над 350.000 посетители од целиот свет и 4.500 акредитирани новинари. 

Годинашното Берлинале е и простување од Дитер Кослик

„Линкс студио“ со „Татко“ во селекција

Норвешкиот краток анимиран филм „Татко“, кој во голем дел беше изработен во „Линкс студио“ од Скопје, влезе во официјалната селекција на кратки филмови на Берлинскиот филмски фестивал. Филмот е во продукција од норвешката компанија „Гимпвиле“ од Осло. Извршниот продуцент на „Линкс студио“, Марко Угарковиќ, вели дека се горди затоа што ова е прва селекција на фестивал од А-категорија, особено поради фактот што „Татко“ е во конкуренција со кратки играни филмови, а не во специјализирана селекција за анимиран жанр.
Тој се надева дека филмот ќе има долга и успешна фестивалска кариера и дека ќе се закити со награди поради тоа што приказната е прекрасна и стилот на анимација е невообичаен, но одлично функционира со сценариото.