Феридун Исиман 20-ти пат учествува на кичевската колонија

75

Ако за некој уметник може да се каже дека е вистински инвентар на една колонија, тоа најмногу важи за професорот од Северен Кипар, Феридун Исиман, кој летово го одбележа дваесетото учество на Интернационалната кичевска ликовна колонија. Тој за овој период создал над 80 дела од кои повеќето се во депото на Куќата на уметноста во селото Кнежино.

– Кога првпат требаше да учествувам на Интернационалната кичевска ликовна колонија имав премалку информации за неа, а во Македонија речиси воопшто не бев учесник на некоја од летните колонии. Кога пристигнав на автобуската станица нѐ пречекаа со комбе и нѐ превезоа до манастирот „Свети Ѓорѓија“ во селото Кнежино, каде што во тоа време работеше колонијата. Се сместивме во манастирските конаци, и сликавме во блиското окружување, каде што мотиви за создавање нови дела имаше на претек – вели Феридун за времето од пред две децении и неговото прво учество во колонијата во Кнежино.

Тој добро се присетува на секој детаљ од тоа време, но и на годините потоа во кои бил дел од оваа колонија.
– Бидејќи Куќата на уметноста не беше сѐ уште изградена, за да ни помине времето во вечерните часови во дворот на манастирот палевме оган и со часови околу него правевме убави забави. Од моето прво доаѓање тука имав чувство како овој локалитет да нуди некаков спокој и се чувствував многу исполнето, а другарството помеѓу колегите ми ја дополнуваше носталгијата за мојот дом и родниот Кипар – додава Исиман.

Тој уште при првиот престој ја засакал оваа колонија, но и Македонија и уште при првото учество си ветил дека и следната година ќе се врати тука, но тогаш не можел ни да претпостави дека истото тоа ќе се случи дури во 20 наврати.