Фасцинантниот свет на Олафур Елијасон

43

Данско-исландскиот уметник Олафур Елијасон, во моментов едно од најистакнатите европски уметнички имиња, се претставува со импресивната изложба „Во вистинскиот живот“ во лондонската гелерија „Тејт модерна“, на која се претставени скулптури и инсталации со големи димензии во кои си поигрува со елементарните материјали и ги тематизира климатските промени, енергијата, миграцијата и архитектурата. Изложбата ги активира сите сетила, а посетителите се поттикнати да станат посвесни за светот околу себе.

Елијасон со некои од делата во галерискиот простор воведува природни феномени, магла или, пак, виножито, и си игра со перцепцијата на гледачот преку користење на рефлексија и сенка. Многуте дела, кои ќе може да се видат до јануари 2020 година, се производ на неговите долгогодишни истражувања на геометријата, причините за движењето и теоријата на боите.

Неговото ателје е сместено во зимскиот мрак на северот на Европа и изгледа како фасцинантна поларна светлина. Сместено на три ката на поранешна пивница, неговото студио е лабораторија, но и работилница во која работат околу 90 луѓе, на проектирање и изработка на модели, информации и издаваштво.

Елијасон (1967) живее во Копенхаген и во Берлин, каде што од 1995 г. го води студиото за истражување на просторот. Слично на аргентинскиот уметник Томас Сарацена, кој исто така живее во Берлин, Елијасон припаѓа на генерацијата интердисциплинарни уметници што својата работа ја користат како медиум за истражување на појавниот свет, биосферата и етиката на општеството.
Познат е по делата во кои се користени природни елементи (вода, воздух, светлост) со цел создавање контролирани просторни инсталации кои покрај несомнената спектакуларност, сепак се повеќе од естетски феномен. Суштински, тоа се експерименти со непознат исход што латентно влијаат на секој набљудувач. Нивната важност и интегритет се наоѓаат во спојот на естетското доживување и етичкото поместување на перцепцијата, што создава нови сфери на афинитет меѓу публиката и животната средина. Низ повеќето проекти се провлекува интересот за перцепцијата на светлото, бојата и просторот, кои се преплетуваат со оптиката, математиката и филозофијата.

Елијасоновите инсталации, парадоксално, се неприродни; тоа не се елементи препуштени сами на себе туку планирани амбиенти во кои се активираат сетилата и сеќавањата на природниот амбиент: минатото и сегашноста создаваат доживување што воедно е индивидуално и колективно. „Проект време“ (2003) е една од најпопуларните инсталации во „Тејт модерна“, а станува збор за светлосна симулација на тропски залез на сонце во сива бетонска хала на поранешна електрична централа, која ги реплицира доживувањата на топлината, блискоста и заедништвото на некоја морска плажа.

Според критичарите на Елијасон, ваквото објаснување на неговите дела е премногу упростено и спектакуларизирано. Гледачот заинтересиран за критичко промислување на општествено-политичкиот контекст или анализа на еколошките позиции ќе остане разочаран, бидејќи уметникот не се занимава со нив. Наместо тоа, инсталацијата е составена од тактилно доживување на просторот, колективна илузија која води во лични преиспитувања на културната филозофија на природата. Елијасоновите просторни интервенции не се служат со реториката на екопротестите, ама влијаат на перцепцијата и интеракцијата меѓу ограничениот спектар на човековите сетила и неговото опкружување. Елијасон го интересира природата, но не како постромантична конструкција, туку како систем што постојано се развива.

Меѓу неговите дела се славната концертна хала во Рејкјавик, светлосната скулптура „Вортекс“ во Минхен, „Убавина“ (1993) и „Радост“ (2011), изложени во Шангај, проектот „Мало сонце“ и др.