Утревечер во прилепскиот театар „Војдан Чернодрински“ премиера на „Арапска ноќ“

61

„Арапска ноќ“ од Роланд Шимелфениг, во режија на Зоја Бузалковска
е претставата што театарот „Војдан Чернодрински“ утревечер од 20 часот
премиерно ќе ја изведе на матичната сцена. По повод новата премиера
денеска се одржа прес-конференција на која директорот на ЦК „Марко
Цепенков“, Менче Караџоска, посочи дека „Арапска ноќ“ е првата премиера од
вкупно четири за 2019 година.

Режисерот Зоја Бузалковска вели дека „Арапска ноќ“ напишана во 2001
година поставена е речиси во сите поголеми и поважни театри и одиграна на
многу јазици.

– Се работи за навистина прекрасна приказна, неверојатно урбана и
сензуална, која се движи во необични и сосема неочекувани правци, која во
себе го спојува Истокот и Западот, грубата реалност и надреалното во сонот,
тесниот стан и арапската пустина, можноста да се биде заробен во шише со
коњак. Таа варира со стереотипите, отворено зборувајќи за нештата кои
обично не ги изрекуваме гласно, а громогласно ги мислиме. Дејството се
случува во еден европски град, на седмиот кат од една станбена зграда, во
една летна ноќ, кога веќе востановената практика на функционирање на
животите секоја вечер, ненадејно се прекинува. Со текот на времето, зградата
се претвора во „волшебна кула“ и станува „извор на магичен реализам“ – вели
Бузалковска.

Сценографија и костимите во претставата се на Јулијана Војкова-
Најман, драматург е Лидија Митоска-Ѓорѓиевска, музиката е на Фолтин, а
играат Игор Трпчески, Даниела Иваноска, Ангела Наумоска, Александар
Степанулески и Димитар Ѓорѓиевски.

Ка.М.