„Утеха за голите“ – нов роман на Давор Стојановски

145

„Утеха за голите“ е насловена новата книга на Давор Стојановски, кој во 2016 ја доби наградата „Роман на годината“ за „Собирачи на пепел“.

Ова е 167-ми наслов во популарната едиција ПРОаЗА на издавачката куќа „Или-Или“ која, како што соопшти, продолжува со тенденцијата да го нуди најдоброто од новата генерација македонски автори.

-Со неговиот веќе препознатлив стил и одлична реченица, Давор Стојановски раскажува приказна која ќе го заинтригира читателот притоа нудејќи му задоволство далеку од евтините трилери и провидните deus ex machina решенија на современите романи, а сепак да не биде оптоварен со тешка синтакса и безредно нафрлани заплети. Авторот и овојпат раскажува приказна што е мрачна и бизарна, без притоа да ја изгуби својата хуманистичка нота во сиот хаос на современото живеење, соопшти „Или-Или“.

Давор Стојановски (1987, Скопје) е писател, поет, преведувач и музичар. Магистрирал на Филолошкиот факултет во Скопје. Неговите дела се застапени во домашни и во странски антологии. Неговиот прв роман „Ненасловена месечева соната“ од 2013-та влезе во потесниот круг за наградата „Роман на годината“, а вториот роман „Собирачи на пепел“ ја освои таа награда на „Утрински весник“.