„Урбани пејзажи“- изложба на Нада Ѕмбова Донева во Кочани

129

Центарот за култура „Бели мугри“ со изложба под наслов „Урбани пејзажи“ на кочанската јавност ѝ ја претстави уметницата Нада Ѕмбова Донева, професорка по биологија во ОУ „Свети Кирил и Методиј“.

Дваесетината дела работени во техниката акрилик на платно, се мотиви од урбаната средина претставени во колорит и форми инспирирани од доживувањата на погледите од различни локации и височини во Кочани и во Скопје.

Според Јулијана Иванова, рецензентка на изложбата, фасцинацијата од урбаниот простор ја носи авторката кон експериментирање, со апстрактен јазик на гестикулации и слоевити линии – крајниот резултат е нова естетика како израз на авторската размисла и имагинарност. Од првите форми на реалистично претставување на урбаните обележја на градот поминува во линеарно и апстрактно претставување на градските елементи, куќи, згради, кровови. Во своите слики ја искажува својата возбуда од спојот на урбаното со природата и човекот со архитектурата, неведува Иванова и додава дека, како биолог по вокација, Донева во себе го носи погледот кон животот, човекот во него и спојот со природата. Во своите слики го опишува своето расположение, можеби свесно, можеби интуитивно, манипулира со контраст од бои.

Реакцијата на истиот предел е секогаш различна во зависност од расположението. Еднаш пределот е сончев и полн со светли и топли бои, за во следната слика користи темни бои, возбудената од амбиентот на самракот, при што ултрамаринот преминува во темно сина, за да се изрази урбаното живеење и доминацијата на човекот.

Рапсодијата на урбаната средина искажана со реални тонови, ги предизвикува апстрактните моменти и доживувања, за да заврши со техничко-имагинарно изразување со златна сјајност на црна подлога, како израз на длабочина и размислувања.

„Уметноста и творештвото, науката и биологијата се нераскинливо сврзани. Тоа што уметноста ги соединува човекот и природата е познат факт. Уметноста, исто така, ги прави луѓето свесни за нивната унија еден со друг во потеклото и судбината. Животот е уметност, уметноста е живот“, вели Ѕмбова-Донева за врската меѓу нејзината професија и сликањето:.

Изложбата „Урбани пејзажи“ ја отвори директорката на Центарот за култура „Бели мугри“, м-р Александра Димитрова.

На изложбата присуствуваа многу личности од јавниот и културнирот живот во Кочани и пошиороко, а со своето присуство ја удостои градоначалникот на Општина Кочани Николчо Илијев.
Првата самостојна изложба на Нада Ѕмбова Донева е поддржана од Министерството за култура на Република Македонија.