„Уметност и забава“ – тема на Европските денови на културното наследство

68

„Уметност и забава“ е заедничката тема на одбележувањето на годинашните Европски денови на културното наследство, која беше прифатена од повеќето европски земји. Европските денови претставуваат нajшироко прифатен партиципативен културен настан што го споделуваат граѓаните на Европа.

– Низ повеќе од 50 илјади настани што се организираат на годишно ниво во 50 земји-потписнички на Европската културна конвенција и повеќе од 30 милиони посетители, манифестацијата како заедничка акција на Советот на Европа и Европската комисија претставува единствен пример на иницијатива што потекнува од теренот и се организира со учество на милиони граѓани на Европа. Нашата земја од оваа година се приклучува кон реализацијата на проектот „Европски креатори на културно наследство“, кој се реализира од 11 март до 14 мај – велат од Музејот на Македонија, кој е организатор на манифестацијата.

Она што започна како „Креатори на културно наследство“ во Финска во 2013 година и беше прифатено како прекугранична активност од 2014 година наваму, беше препознаено од страна на Собранието на ЕДКН како иновативна и одржлива можност за активно ангажирање на најмладите.

– Децата и младите луѓе имаат клучна улога во иднината на заштитата и промовирањето на културното наследство и го претставуваат најзначајниот ресурс за креативни идеи и, воопшто, за придонесот кон културата. Музејот на Република Северна Македонија ги повикува сите деца и млади луѓе од 12 до 18 години да го разгледаат и истражат наследството во својата околина и да ја раскажат својата приказна – велат организаторите. Европските денови на културното наследство го објавуваат и повикот за „Европска приказна за културното наследство“, наменет за возрасните граѓани на Европа. Повикот е отворен од 18 март, а аплицирањето за учество со испраќање приказна ќе трае до 18 април.


Како да ја објавите вашата приказна

Ако сте личност на возраст од 12 до 18 години и ако сте заинтересирани за разгледување, истражување и доживување на околината и наследството околу вас, тогаш сѐ што треба да направите е да побарате од вашиот родител или законски старател да постави слика или видео од наследството што сте го одбрале и кратка информација за вас (вклучувајќи ги и името и возраста) преку веб-страницата на ЕДКН и вашата приказна ќе биде објавена на порталот на манифестацијата.