Уметник ги пополнува пукнатините на кошаркарскиот терен со злато

57

Уметникот Виктор Соломон преку својот тековен проект насловен „Литерали балинг“ ги истражува „иконите и тотемите“ на спортот, на кои им додава раскош на неочекувани начини. Неговото последно дело, наречено „Кинтсуги терен“, е олицетворение на оваа идеја. Инспириран од јапонската техника „кинтсуги“, Соломон го санира испуканиот кошаркарски терен пополнувајќи ги пукнатините со злато.
– „Кинтсуги“ има долга историја во јапонската култура. Датира од 15 век, вообичаено се користи за „поправање“ на скршената керамика. Но наместо да ги прикриваме пукнатините на едно парче, целта е да се прослави уникатната историја на објектот со прикажување на неговите несовршености. И при додавање злато, санираниот предмет е ревитализиран и поубав од неговата оригинална форма – вели Соломон.

„Кинтсуги терен“ го употребува пристапот на „кинтсуги“ во голем обем. Во согласност со духот на техниката, Соломон го „поправа“ теренот – буквално и фигуративно.
– Ја ​​славиме кошарката како универзално достапен спорт, таа класно-агностичка, расно-индиферентна платформа што има можност да ги зближи луѓето и да понуди лекување во овој важен момент. Јас и мојот тим го реновиравме испуканиот терен во јужен Лос Анџелес, пополнувајќи ги неговите пукнатини со смола и златен прав, инспирирани од историскиот процес – вели уметникот.

Проектот беше поттикнат од враќањето на „Националната кошаркарска асоцијација“ (НБА), која беше запрена на 11 март поради пандемијата на коронавирусот. Сезоната продолжи на 30 јули, а „Кинтсуги теренот“ беше завршен набргу потоа, по што Соломон ја забележа важноста на овој спорт.