Уличните фотографии на Манчевски на изложба и во книга

53

Изложба на фотографии на Милчо Манчевски, насловена „Таму“, ќе биде отворена на 1 октомври во Музејот на современата уметност во Скопје, во 20 часот. Настанот ќе биде и промоција на книга со фотографии од изложбата „Таму“. Во книгата и изложбата се избрани 88 колор-фотографии, создавани во период од десет години.
– Уникатноста на уметничката фотографија на Манчевски е во визуелниот јазик, кој допира до секого поради универзалните емоции што зрачат од интеракцијата на ликовите, поставеноста на елементите што ја градат композицијата и колоритот, кој напати остава без здив. Визуелната моќност е присутна во сите негови дела, сугерирана пред сѐ од композициската структура до совршеност донесена во некои дела преку прочистена и смирена симетрија, во некои тенденциозно прекршена за да пренесе поинакво чувство. Колку и да се на прв поглед непретенциозни секвенците од „Таму“, при задлабочување полека откриваат слоеви на обмислена идеја, длабоки чувства и силни бои на животот во целост – вели кураторката на изложбата Бојана Јанева-Шемова.
„Таму“ го надградува и го проширува досегашниот опус на фотографски дела на Манчевски, „Улица“ и „Пет капки сон“.

– Во овие проекти визуелната текстура на урбаниот живот се манифестира низ композициска и наративна игра, а овој динамичен и експериментален пристап кон создавање слики го обликува „Таму“. Бојата е клучен слој што дефинира во овие дела. Избива од полиња урбано сивило, ја заситува перспективата на сликата или функционира како централен елемент во композициски колаж. Во „Таму“, бојата го дава ова визуелно закотвување и тече како поток низ овие слики. Таму ги отфрла границите – географските, формалните и другите. Таму може да биде каде било, а на крајот е секаде – вели во предговорот на книгата Конор Мекгрејди, ирскиот уметник и декан на колеџот за уметност „Бурен“.
Книгата „Таму“ е мултимедијален книжевно-уметнички проект. Издавачката куќа „Антолог“ и Манчевски го работеле повеќе од две години. Таа ќе биде достапна за продажба веќе од 1 октомври во целата дистрибутивна мрежа на „Антолог“ и во 30 други продажни места низ целата држава.