Укината поддршката за „Киненова“ и за „Синедејс“

50

Меѓународниот филмски фестивал „Киненова“ реагира на целосно укинатата финансиска поддршка од Агенцијата за филм на РМ, која пред неколку дена ги објави резултатите од конкурсот за финансирање фестивали.

Организаторите на „Киненова“ – фестивал фокусиран на дебитантски филм, со досега три успешни изданија, тврдат дека дури и ги надминуваат предвидените критериуми за разлика од некои други фестивали што добиле пари за 2019 година, а кои, како што се посочува во реакцијата, немаат вистинска филмска профилација. Тие сметаат дека Агенцијата за филм, а претходно и Комисијата за култура на градот Скопје, со неподдржувањето сакаат „да го погазат и неправедно и тенденциозно да го девалвираат трудот на голем број филмски професионалци од земјата и од странство“, кои стојат зад фестивалот и сметаат дека станува збор за „систематски и смислен институционален бојкот на фестивалот и укинување на слободата на уметничко изразување и искажување слободен уметнички и ангажиран став“.

– Укинувањето на финансиите на МФФ „Киненова“ за 2019 година следуваат по силните притисоци и официјалниот обид за цензура, кои ги вршеа Министерството за култура и Агенцијата за филм врз јавноста и организацијата на фестивалот поради цврстата одлука што ја донесе управниот одбор на фестивалот да го прикаже деби-филмот „Ругање со Христос“ на Јани Бојаџи на отворањето на изданието во 2018 година. Ова ни дава право да се сомневаме дека домашните институции, особено Агенцијата за филм и Министерството за култура како најповикани сакаат да ја спречат „Киненова“ како независна институција, која има свој слободно изграден став и одлучува самостојно, врз основа на високоизградените филмски критериуми во однос на филмската уметност – пишува во реакцијата на „Киненова“.

На резултатите од конкурсот деновиве реагира и Фестивалот на европски филм „Синедејс“, што по 17 години успешна организација повторно доби намален буџет од 3.000.000 денари. Русе Арсов, директор на Младинскиот културен центар – организаторот на „Синедејс“, изјави дека не очекувале повторно, како и за 2018 година, да имаат скратен буџет и дека по многу вложен труд и посветеност таа одлука ги демотивира и се прашуваат дали воопшто на државата ѝ е потребен „Синедејс“.

Според конкурсните резултати, финансиска поддршка во 2019 година од Агенцијата за филм добиваат 18 фестивали. Највисоката сума е 9.500.000 денари за интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“, а најнискиот износ е 75.000 денари за Меѓународниот етнолошки филм-фестивал.