Турнеја на „Бикини Мун“ низ Македонија

573

Со проекциите во Штип, вечерва и на 25 април, почнува турнејата со киноприкажување во Македонија на „Бикини Мун“, петтиот филм на најтрофејниот македонски режисер Милчо Манчевски. Филмот ќе игра во дваесетина града низ земјава, меѓу кои и Кочани, Македонски Брод, Крива Паланка, Кичево, Свети Николе, Велес, Гостивар, Прилеп, Куманово.

„Бикини Мун“, првиот американски филм на Манчевски, снимен е во Њујорк, македонската премиера беше во Скопје на 22 март и наиде на исклучително позитивен прием – беше поздравен со френетичен аплауз, социјалните мрежи не престануваат да зборуваат за филмот, а од 4 април игра и во Битола.
Изминатава недела филмот играше на еден од најреномираните фестивали за авторски филм во САД во Сарасота. Филмот ја имаше светската премиера во Бразил, на фестивалот во Сао Пауло, а потоа во Португалија ја освои специјалната награда на жирито. Беше прикажан и на фестивалите во Синеквест во Сан Хозе, Калифорнија, Белград и Софија, Истанбул, Франкфурт, а следуваат Нешвил, Менхетн, Шангај и други.

Главните улоги ги играат Кондола Рашад, Сара Голдберг, Вил Џеновиц, Сатја Сридхаран и Микал Мишел Харис. Дизајнер на продукција е редовниот соработник на Манчевски, Британецот Дејвид Манс, кој има работено на сите негови досегашни филмски проекти. Директор на фотографија е Џошуа З. Вајнстин. Единствени Македонци во филмската екипа, покрај режисерот, се композиторот на музиката Игор Василев Новоградска и дизајнерот на специјалните ефекти Мишо Ристов.