„Три“ преведе неколку од стоте најдобри книги на 21 век

161

Секоја година во светот се објавуваат голем број книги. Некои од нив што ги читаме се еден вид поглавја од нашите животи, прераснуваат во класики, се читаат и се препрочитуваат со генерации, се изучуваат и се дискутираат затоа што успеваат да ја доловат атмосферата на времето и актуелната култура. Неодамна „Гардијан“ објави список на најдобрите книги што го обележаа почетокот на 21 век, дела што се неизбежни за сите љубители на современата книжевност. Било да сте љубители на фантазија, научна фантастика, трилери, романси или некој друг жанр, овој список е добар пресек на она што е специфично за книжевноста во нашиот век.

– Меѓу другите се најдоа и неколку наслови што издавачки центар „Три“, со својот сензибилитет за сè што е ново и квалитетно, успеа да ги донесе пред македонските читатели наскоро по нивното првично објавување – посочува издавачот.
Меѓу книгите што ги преведе и објави „Три“ е „Девојката со тетоважа на змеј“ од Стиг Ларсон. Првиот дел од мегапопуларната трилогија „Милениум“ е преполн со мистерии, интриги, драма, мрачни семејни тајни, корупција и криминал. Ларсон прави комплексен и неверојатно возбудлив сплет на детективска приказна, семејна драма, љубов и финансиски интриги, зачинет со сензибилитетот на скандинавското поднебје.

Потоа „Хроники“ од Боб Дилан, импулсивно, ексцентрично и инспиративно дело, каква што е и самата музика на Дилан. Избегнувајќи ја хронологијата и прескокнувајќи го најголемиот дел од клучните моменти што му ги припишуваат многуте биографи, Дилан неусилено плови низ својата приказна, доаѓајќи до низа поголеми и помали откровенија. Ова дело ни разоткрива исто колку и неговите најзначајни албуми и ни нуди увид во мислите на еден од најзначајните уметнички гласови на 20 век.

На македонски го имаме и „Контури“ од Рејчел Каск, ремек-делото што заслужено наиде на блескави критики и номинации за повеќе книжевни награди, кој е необичен, волшебен колаж од портрети, епизоди и размисли што ги собира и раскажува една англиска писателка од своето патување во Атина, каде што оди да одржи работилница по креативно пишување.

„Три“ го издаде и романот „Посета на бандата“ од Џенифер Иган, возбудливо романескно дело од еден од најсмелите автори на денешницата, кој е добитник на Пулицеровата награда, потоа „Сапиенс“ од Јувал Ноа Харари, провокативна одисеја низ човековата историја што веќе стекна култен статус меѓу читателите и е една од најважните книги што ќе ги прочитате во животот. Меѓу поинтригантните наслови е „Мојата генијална другарка“ од Елена Феранте.

– Со првиот дел од тетралогијата „Неаполски романи“, мистериозната Феранте се докажа како еден од најголемите италијански раскажувачи на сите времиња. Оригиналната и бескомпромисно искрена проза совршено ги портретира ликовите обликувани во контекстот на повоена Италија. Мајсторски скроен и трепетно возбудлив наратив што го одзема здивот со секоја нова авантура на двете главни хероињи – велат од „Три“, во чие издание се појави и романот „Вулф Хол“ од Хилари Мантел, кој го враќа читателот во 16 век, во светот на кралевите, принцезите, бароните, витезите и вештерките и во кој Мантел успеала да открие една современа заднина на приказната што е своевиден портрет на Англија и на луѓето што ја создале големата Британска Империја.

– Иако во суштина е историски роман, „Вулф Хол“ е обликуван како политички трилер преполн со интриги, пресврти и извонредно изградени ликови. Не само што дава одлична слика на Британското Кралство, романот е и сериозна психолошка студија на главниот лик. Во 2009 година „Вулф Хол“ се закити со Букеровата награда – вели македонскиот издавач на книгата.