Треба да бидеме упорни во борбата за повеќе средства во културата

280
Тина Тодороска-Петреска

Од денеска во Струга, во рамките на фестивалот „ДримОн“, како што посочува Кристина Тодороска-Петреска, која е една од неговите организатори, со претставување на романот „Некој бил тука“ од Николина Андова Шопова, започнува блокот книжевни промоции

Интервју: Кристина Тодороска-Петреска, граѓанска активистка

Фестивалот „ДримОн“ во Струга деновиве го привлече вниманието и со просторната инсталација „Раздримување – колективна игра“, која како уметнички протест за заштита на Охридско Езеро, во некогашниот кафе-бар „Синема“, ја создадоа петмина уметници. Објектот ќе биде срушен, но каква порака содржеше уметничкото дело и дали сметате дека истата таа е доволно силна за да ја предизвика потребната реакција кај надлежните за заштита на природните вредности?

Дел од инсталацијата „Раздримување – колективна игра“

– Би сакала на почетокот да кажам дека ние во Струга се надеваме дека за скоро време на истата локација ќе никне повторно „Синема“, или негова нова верзија, амбиент во кој повторно ќе се ткаат катадневни епизоди и дијалози, слични на оние во книгите на Димитрие Дурацовски. Она што го видовме на отворањето на изложбата од „колективната игра“ на петтемина уметници беше повеќе приказ, соочување во мало, и со природното богатство и со човечките влијанија, и апетит за искористување и загрозување на ова богатство. Едно соочување со нашето колективно (не)свесно. Сакавме публиката да ја погледне ситуацијата преку уметничка метафора, како уметникот ја интерпретира состојбата, без очекувања дека тоа ќе направи кор5енита промена кај с(н)екој од нас, но барем во тоа соочување да предизвика емоција, сочувствителност, малку загриженост, за заканите. Изложбата немаше намера да се обрати директно до надлежните, туку до секој поединец што дојде да ја погледне. Но кога таа ќе се додаде на реакциите од повеќе страни во изминатиот период за актуелноста и неизвесноста за статусот на УНЕСКО, може да се каже дека здружената реакција дава резултати, па, еве, пред два дена, беа изгласани мораториум за градење и акциски план за справување со дивоградби. Останува понатаму да видиме дали ќе си го зачуваме статусот и ќе се определиме за одржлив природен и културен туристички развој.
Исто така главна цел во овој процес беа самите уметници. Идејата беше да го ставиме во погон истовремено и етичкото и естетичкото во нив, како и нивната граѓанска одговорност, да се стават во уметнички процес побуден од мотивацијата за социјален ангажман, да откриваат во себе начини и изрази, кои ќе бидат во интеракција со општествените (во овој случај еколошките) предизвици.

Кои се петтемина автори, уметници и дали и со други нивни ангажмани тие придонесуваат за поголема видливост на проблемите со кои се соочуваат Струга и околината?
– Уметничкиот тим ѝ припаѓа на поновата генерација уметници од кои Филип Велковски и Сали Ертунч ги познаваме од некогашниот колектив „Кула“, уметничка неформална група од Скопје и истите тие многу често третираат општествени теми изразени во својата ликовност. Горан Ристовски, Викторија Поповска и Милко Нестороски се уметници од Струга. Горан се потпишува и како селектор и куратор на процесот, а покрај веќе богатото портфолио од авторски и групни изложби, во нашиот колектив испишува неколку ангажмани како графичар и дизајн на плакати, токму со социјално ангажирани пораки. Викторија и Милко се најмладите во групава и иако сѐ уште главна преокупација им е сликарството, тие се активни членови во заедницата, а со својот уметнички социјален ангажман оставија силен впечаток пред јавноста, на четвртото издание на фестивалот, кога низ слична колективна игра, со своите колеги, изведоа уличен перформанс – коментирајќи ја состојбата со отпадот и со тогаш актуелната депонија што гореше цело лето.

Ве изненадија ли реакциите на посетителите, кои можеа само во текот на една вечер да ја видат инсталацијата?
– Инсталацијата предизвика добри реакции. Различните четири сегменти од поставката го оставаа гледачот да застане неколку мига во своевидна медитација, контемплација. Да се подзамисли, да протолкува. Јас и самата бев изненадена од начинот на кој беше исполнет амбиентот и каде беа искористени и комбинирани светлото и видеотехнологијата со природните материјали, кои и самите содржат асоцијативна симболика (трска, вода која напати се чини дека е оган, тиња, камен обоен со фасадна боја, парапетче…) А самата локација беше видена и од друга перспектива, како галерија што додава уште еден слој на местото, во чии столбови се чувствуваат и меморијата и евокацијата и за други катадневни културни слоеви, кои си се налепиле низ времето.

На кои сегменти од културното и воопшто од општествено-политичкото живеење се фокусира годинава фестивалот „ДримОн“ и што е следно на неговата програма?
– Во центарот на интерес за ова издание е „етичкото и естетичкото во социјално ангажираната уметност“, на некој начин поттикнат од потребата за рефлексија кон внатре (ние како автори, како професионалци во областа, како продуценти на културни содржини), наместо кон надвор (презентација, публика): како актерите во полето на културата и уметноста, балансираат раководат со етичките и естетичките начела и како она што го продуцираат, резонира, се одразува во социополитичкото милје. Дали како уметници и работници во културата сме во дослух со општествениот контекст и колку нашата граѓанска должност се одразува во нашата работа, дела. Затоа, пред самиот почеток на колективниот уметнички процес, одржавме и симпозиум, дискусија на темата „Етичкото и естетичкото во социополитичката уметност“, која беше модерирана од Билјана Тануровска Ќулавковски – менаџерка во културата и кураторка, а нејзини содискутанти и гости беа: Небојша Вилиќ, универзитетски професор и историчар на уметност, Владимир Јанчевски, историчар на уметност, Филип Јовановски, уметник, Ивана Васева, кураторка и Анастас Гоџо, магистранд на Филозофскиот факултет при универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје. Следува блок книжевни промоции, кој ќе се реализира од денеска до 22 август, кога пред публиката ќе бидат претставени четири наслови: „Некој бил тука“ од Николина Андова Шопова – „Роман на годината“ за 2019 година на фондацијата „Славко Јаневски“; реизданието на првиот македонски роман „Село зад седумте јасени“ на Славко Јаневски; „Последното име на иднината“ на Живко Грозданоски и „Дедлајна љубов моја“ на Владимир Лукаш. Некаде на средината на септември, публиката ќе има можност да ја погледне претставата „Физика на тагата“ од Георги Господинов, во режија на Милош Андоновски, а во изведба на ансамблот на Кумановскиот татар.

Како организатори на фестивалот задоволни ли сте годинава од добиената државна, локална но и приватна поддршка за реализација на предвидените содржини, и што би требало да се прави понатаму на тоа поле?
– Оваа година за здружението „Иницијатива за независен културен активизам“ (ИНКА) беше година на внатрешна евалуација и програмско преиспитување. Работевме повеќе на лично јакнење, тренинзи и на ново стратегиско позиционирање пред следните етапи. Затоа и изостана голем ангажман за придобивање повеќе средства, кои би биле неопходни за да се реализира фестивалот „ДримОн“ каков што го познававме. Така, годинашнава програма ја реализираме исклучиво со средства од Министерство за култура, но во соработка и со други програмски чинители, како што беа „Скопје филм фестивал“, фестивалот „Браќа Манаки“, еве, од почетокот на следнава недела и во соработка со автори и издавачи со кои ќе го донесеме блокот книжевни промоции. Со средствата со кои располагаме, се одлучивме за квалитетни камерни програми, кои не црпат многу големи средства, а го постигнуваат саканиот ефект.
Треба да бидеме упорни, да не застануваме, но и да не се исцрпиме во борбата за повеќе средства во културата. Треба заедницата, актерите од независната сцена, но и со силна институционална поддршка да се здружуваат, окрупнуваат и да дискутираат, да носат, и да настапуваат заедно за заеднички интереси. Препознаените програми, кои независно од средствата успеваат да опстојат и да носат квалитетни содржини, треба конечно да имаат специфично место во буџетските ставки и на локално и на државно ниво. Независноста да се поттикне, со тоа што организациите ќе добиваат стабилни финансии, како подлога за нивно понатамошно акумулирање и квалитет во продукцијата.