Тешко е да се улови вистината, особено онаа својата

162

Наивноста што се трудам да ја постигнам во моите дела се граничи на моменти со недостижната детска наивност во приказот на вистината, но сепак сум свесен за обременетоста на возрасниот човек со целиот свој социолошко-психолошки багаж. Во овој опус се трудам да се ослободам од ноевскиот синдром и слободно да ја раскажам сопствената вистина, па дури и своите баханалии, вели Чатмов

Трајче Чатмов, сликар

Изложбата со наслов „Баханалии“ на академскиот уметник Трајче Чатмов ќе биде отворена на 22 септември (вторник), во 20 часот, во изложбениот салон на Музејот на Град Неготино, на неа ќе бидат изложени четириесетина дела од неговиот опус, повеќето работени во периодот на изолацијата поради пандемијата на коронавирусот, кои се дел од циклусот „Баханалии – брутална вистина“. Изложбата ќе трае до 4 октомври.
Трајче Чатмов (1971 г.) ја започнува академската наобразба во 1992 година, со запишување на Факултетот за ликовни уметности во класата на професорката Ана Темкова. Своето усовршување го продолжува повторно во областа на уметноста, но овој пат проширена во делот на филозофијата и своите постдипломски студии ги завршува под менторство на професорот Родољуб Анастасов – сликарство и филозофија (естетика) под менторство на професорот Кирил Темков.
Имал самостојни изложби во Скопје, Велес, Битола, Врање и во Белград (Србија), а учествувал и на повеќе групни изложби низ Македонија и надвор: Германија, Полска, Словенија, Србија, Бугарија, Дубаи… Покрај со сликарство, се занимава и со фотографија, анимиран филм и документарен филм за што и има добиено неколку награди во 1997/8 година (најдобра камера и најдобра режија за краткиот документарен филм,,Времиња“).

Кој беше поривот за создавање на делата од циклусот „Баханалии“?
– Вистината како апстрактен поим на индивидуалноста на човекот е доблест од кој современиот хомо сапиенс сѐ повеќе се одалечува, сѐ повеќе се плаши и крие, не признавајќи ги своите слабости и недостатоци, заборавајќи на севкупната несовршеност на својот вид. Но има еден момент што го забораваме, а тоа е дека само со соочување со вистината ќе можеме да ги согледаме своите недостатоци и недостатоците на другите, па и оттаму да направиме соодветна пресметка по којa би си го обликувале својот микросвет. Токму ова е поривот со кој се создадени овие дела, раскажувајќи (прикажувајќи) вистинити прикази што не мора да се случени надвор од мислата, со што сум се потрудил да навлезам и подлабоко во сопствената вистина, да ја уловам, затоа што како и кај сите е длабоко скриена во потсвеста.

Забележлив е единствен ликовен израз, колку тој е последица или причина за приказната што ја раскажуваат делата?
– Делата се раскажани преку експресионистички ликовен израз, кој ми дава максимална слобода да заборавам на техничките ликовни правила и едноставно да се посветам на ловење на мигот, воден од моменталната лична експресија. Раскажувајќи едноставни приказни и прикази што во моментот ги имам на располагање како внатрешна вистина. Човечки приказни, моменти секојдневни, банални прикази на основните човечки пориви и чувства. Изрази на љубов, обични прегратки заробени во богат колорит со изразени гестикулации, кои и покрај својата гротескност не служат за потсмев, туку напротив како прикази на основниот меѓучовечки контакт. Зачувувајќи го моменталниот проблесок на идејата, се дава можност да се допре до бруталната вистина, универзална искреност на која и самиот автор не се сеќава. Таа можност што ја поседува уметникот е дарбата што мора да ја искористи. Не држејќи се слепо до првичната идеја затоа што тоа е жива материја, која е максимално менлива и доколку не се слeди и приспособува – кон неа ќе се залута во ќор-сокак. Тогаш авторот или ќе мора да почне од почеток чекајќи нов проблесок или ќе мора да проба технички да ги извлекува моментите што успеал некако да ги зграпчи, по што на крајот ефектот ќе биде нецелосен и толку очигледен, така што секој реципиент ќе може да го забележи.

Во вашите слики многу е впечатлив колоритот. Што претставува бојата за вас?
– Колоритот во моите слики е суштествено поврзан со приказната што се раскажува и е помошно средство за да се нагласат некои елементи со што би се истакнала драматиката во приказот, нагласувајќи ги чувствата што треба да бидат пренесени, а кои гледачот треба да ги доживее. Не следејќи ги традиционалните сликарски принципи, цртежот доаѓа редоследно по чистата боја на која само ѝ дава облик и го допрецизира приказот. Наивноста што се трудам да ја постигнам во моите дела се граничи на моменти со недостижната детска наивност во приказот на вистината, но сепак сум свесен за обременетоста на возрасниот човек со целиот свој социолошко-психолошки багаж. Во овој опус се трудам да се ослободам од ноевскиот синдром и слободно да ја раскажам сопствената вистина, па дури и своите баханалии. Но сепак, тешко е да се улови вистината, особено онаа својата.

На социјалните мрежи изложивте многу интересна идеја, односно порака до Министерството за култура, која наиде на поддршка кај вашите колеги… За што станува збор?
– Пораката е: Изложувајте во Македонија! За време на пандемија, затворени граници и отежната комуникација сметам дека би било прекрасно сите одобрени меѓународни проекти и средствата за нив од Министерството за култура да бидат пренасочени и тие да се изведат во сите изложбени салони низ Македонија. Па, така, оваа сезона сите наши прекрасни салони низ градовите во земјава да бидат преполнети со проекти и изложби, а имаме навистина прекрасни изложбени галерии низ цела држава. Не знам што е одлучено да се прави со овие средства, но мислам дека е одлична идејата – да ги наполниме нашите галерии со уметност!


Интимни медитации за животот и светот

Насловите на делата: „Раѓање“, „Расплакана“, „Изгорени од сонцето“, „Пир“, „Предадениот“…, според текстот во каталогот на Анита Бошкова Доковска, ни служат како мапи за единствената наративна сторија на авторот, без оглед дали се тоа емотивни и психолошки состојби што тој ги доживува или споделување на своите перцепции за светот во и околу него.
– Сликарската визија на Чатмов поаѓа од реалноста, која тој преку низа трансфигурации ја крши, разглобува и деконструира со наивност и жар на љубопитно дете, притоа останувајќи докрај доследен на првобитната наративна сторија.

Во тој негов имагинативен микроуниверзум, двигател на нарацијата, на неговото интимно понирање и самоспознавање се неговите напластени емоции и нагони: љубовта, страста, соништата, внатрешните борби и конфликти, стремежот да се претстават што е можно поискрено и верно на доживеаното чувство, како некои симулакруми од искуствената стварност. Неговите слики претставуваат интимни медитации за животот и светот што нѐ опкружува, за егзистирањето во него и доживувањето/чувствувањето на истиот тој свет преку сите сетила.

Фигуративните композиции на луѓе, бикови, змејови, имагинарни и митолошки суштества, и нивната заемна интеракција, ги носат трагите на енформелскиот израз и експресионистичката реторика, ликовен ракопис што на Чатмов му е елабориран и близок – пишува Бошкова Доковска.


Монографија за 25 години творештво

Годинава Трајче Чатмов одбележи и 25 години егзистирање на домашната и на меѓународна ликовната сцена. По тој повод излезе од печат монографијата, во која е опфатено неговото извонредно богато сликарско творештво низ сите негови фази, подеми и падови, експерименти и трансформации, како и фотографии на дела. Во монографијата се вклучени и неколку рецензии на луѓе што даваат свое видување на неговото творештво: професорот Гоце Нанески, академик Фехим Хусковиќ, кураторите Трајанка Јовчевска и Анита Бошкова Доковска, Мирко Стефановски, Елена Василевска-Илиевска и писателот Александар Кукулев. Објавени се и неколку текста на Чатмов што наменски се напишани за одредени изложби, објаснувајќи ги своите дела.