Тетовци може да погледнат 27 филмови на “Воч аут” фестивалот

43

Од вторник 19 јуни до петок 22 јуни во Тетово ќе се прикажуваат 27 интернационални и домашни кратки филмови во рамки на седмото издание на филмскиот фестивал “Воч аут” (Watch out).

Филмските проекции ќе се прикажуваат на отворено во дворот на Музејот на Комунистичката партија во Тетово, а во случај на непогодни временски прилики во просториите на Центарот за балканска соработка Лоја во Тетово. Проекциите на филмовите започнуваат од 20 часот.

-Седма година по ред се прикажуваат филмовите, сметам дека пораснавме и во квалитет и во квантитет. Годинава најмногу пријави дури 357 добивме од 73 земји во светот. Беше тешко да се изберат најдобрите – рече Бујар Љума од Центарот за балканска соработка Лоја, организаторите на фестивалот.

Во документарната секција победник е филмот „Патот до Исланд“ на режисерот Цезар Валехо Кастро од Шпанија. „Теоријата на спиење“ е наслов на победничкиот филм на Рубен Барбоса од Шпанија во категоријата на кратки филмски стории. Кај експерименталните филмови за најдобар филм е избран „Здраво Џо“ од Грахам Кели од Холандија.

Во жирито на на фестивалот се Башким Шеху, писател од Албанија, Оливер Мусовиќ од Македонија, Фабиен Лангер камерман од Германија и Лус Оутон, студентка по кинематографија од Франција.

Во рамки на фестивалот ќе се одржат и четири работилници Темите се децентрализација на јавниот простор, Литературата и филозофијата, создавањето филмови и предизвиците, како и грѓанскиот активизам околу животната средина.