Телесноста, сексуалноста и смртта во фокусот на КРИК

46

Почетокот на вториот дел на КРИК – фестивал за критичка култура во МСУ, помина во знакот на дискусијата за креативната слобода, потеклото и ранливоста на идентитетите.
– Оваа година е петтото издание на КРИК и многу ни е важно бидејќи ја допираме темата на кршливоста, смртноста, на заедницата, сето она што ни беше појдовна точка уште пред една година кога го градевме концептот, базиран врз книгата на Мартин Хеглунд „Овој живот – секуларна вера и духовна слобода“, која наскоро ќе излезе од печат на македонски јазик, а имаме и уште една книга што ја подготвуваме во соработка со „Темплум“, тоа е „Трчање во место“ на Рената Салецл – рече на отворањето Искра Гешоска.
Претставувајќи ја програмата, Артан Садику рече дека овој период на отворен прозорец е многу добар да се разговара и за нашите рефлексии и прекршување во ова забавено време што го живееме.

– Среќен сум што темите што ќе ги третира овој дел на КРИК се однесуваат токму на ранливоста, телесноста, сексуалноста и смртта – рече тој.
Најавувајќи го предавањето на професорката Шелева, Мања Величковска рече дека повеќе од кога било претходно имаме потреба да негуваме еманципаторски потенцијал и да продолжиме да ги предизвикуваме сопствените идентитети и општествените норми. Почнувајќи го своето предавање, Елизабета Шелева рече подолго време го истражува проблемот на потеклото, нешто што животно, егзистенцијално ги допира луѓето од оваа средина, од овој регион, како што е Балканот.

– Меѓутоа на сево ова што се случува ние мора да одговориме на новите ситуации, не можеме да се држиме академски во некакво сезнаење, туку мора да се носиме со она што е најтешко, она што пулсира со нишките на стравот – рече Шелева.
По предавањето, се одржа и концерт на групата „Кадабајас“.