Театрите со отчет до министерот за култура

57

Министерот за култура Хусни Исмаили, во рамките на своите редовни активности за посета на националните установи од областа на културата, денеска ги посети Македонскиот народен театар, како и „Театарот комедија“ и Турскиот театар. Во рамките на посетата на овие театарски установи, тој се информира за сите проекти реализирани измината година, но и за активностите што ќе се одвиваат во 2020 година, како и за успешното учество на фестивал во Пекинг, каде што актерите се претставија со претставата „Галеб“. Стана збор и за успешната сезона на МНТ, каде што лани биле изведени повеќе од 240 претстави и настани, посетени од над 84.500 гледачи. МНТ реализираше поголем број гостувања во светот, меѓу кои во Непал, Бугарија, Црна Гора, Србија.

При посетата на „Театарот комедија“, беа споделени информациите дека театарот лани има реализирано пет премиери, од кои четири на големата сцена, а една на мала сцена. Биле одиграни вкупно 179 претстави, кои ги виделе 46.609 посетители. Она што од оваа театарска куќа го истакнаа, е дека бројот на изведби бележи пораст од 62,7 отсто, а посетеноста 60 отсто. На средбата стана збор и за техничките проблеми што се јавуваат со дотраеноста на објектот, а кои ќе треба да се надминат за успешно работење.

На средбата во Турскиот театар беше нагласено дека минатата година имало 4.854 посетители, а меѓу другите претстави, претставата „Бог на масакрот“ имала 1.150 посетители, додека детската претстава „Јунаци од бајките“ имала 747 посетители. Се зборуваше и за годинашното одбележување на јубилејот 70 години од формирањето на Турскиот театар, но и за можностите за поефикасно финансирање на новата зграда, која ќе биде наменета за овој ансамбл, а која е завршена до фазата – карабина.