Театарската критика е насушна потреба за театарот

65

На 53. МТФ „Војдан Чернодрински“ е одржана трибина во соработка со „Гледај.мк“

„Критиката му е потребна на театарот. Потребно е ново промислување на театарот, бидејќи недостига критичко гледање“. Ова се некои од ставовите изнесени на јавната трибина „Театарската критика денес“, што се одржа во рамките на 53-то издание на МТФ „Војдан Чернодрински“, а која беше резултат на соработката меѓу „Гледај.мк“, проект на Младински културен центар – Скопје и на фестивалот. На трибината дебатираа претставници од домашната театарска сцена, режисери, актери, театролози и дел од критичарите.
За д-р Ана Стојаноска, театролог и доцент на Факултетот за драмски уметности во Скопје, што ја водеше трибината, „критиката му е насушна потреба на театарот“.
– Оваа трибина е одличен повод јавно да се проговори за потребата од сериозна, издржана, квалитетна театарска критика во Македонија. Со едуцирањето на публиката и потенцирањето на потребата за критика од страна на театарските уметници, македонскиот театар има можност да стане релевантен фактор во културата – посочи таа.

Сашо Димоски од народниот театар „Јордан Х.К.-Џинот“ во Велес посочи дека критиката треба да почне во куќата каде што се раѓа претставата.
– Претставата е на свој начин критика што театарот ѝ ја испраќа на јавноста – вели тој.
За Кристина Леловац, доцентка по актерска игра на Факултетот за драмски уметности (ФДУ), неопходно е ново промислување на театарот.
– Недостига критичко гледање и нема архива од културните случувања во тешките политички услови од минатите години – рече таа.
Зоја Бузалковска, професорка на ФДУ – Скопје и режисерка, ја заокружи дискусијата со посочување на потребата за нов стандард во домашната театарска критика.
– Критичарот треба да има доволно влијание врз репертоарите на театрите до степен на дефинирање на јавното и стручното мислење за претставата – посочи Бузалковска.
Присутните на трибината ја забележаа и потребата за редефинирање на улогата на критиката на театарската сцена и овозможување на сите потребни услови за младите критичари да ги развиваат своите капацитети за да допрат до пошироката публика.

На трибината се презентираше и платформата за филмска и театарска критика „Гледај.мк“.
– Преку платформата ќе создадеме нов простор за младите рецензенти во Македонија да творат и да бидат читани – изјави Атанас Димитров од Младински културен центар – Скопје.
„Гледај.мк“ е платформа чија цел е поттикнување на критичкото гледање на филмот и театарот. Преку проектот, 20 млади рецензенти во текот на оваа година ќе учат критички да гледаат и да пишуваат, ќе посетуваат претстави и проекции и ќе ги оценуваат со поддршка од тим искусни ментори. Истовремено, „Гледај.мк“ ќе работи на едуцирање на домашната публика, на организирање отворени предавања, проекции, дискусии и интервјуа со домашни и странски гости и соработници.


Досега одиграни осум претстави

Од почетокот на годинешното издание на МТФ „Војдан Чернодрински“ во официјална конкуренција до крајот на викендот што измина беа одиграни пет претстави. Се претставија Македонскиот народен театар, Битолскиот и Прилепскиот театар, Театарот за деца и младинци и Струмичкиот театар.
Синоќа на фестивалската програма беа претставите: „Кралот Лир“ од Шекспир, во режија на Диего де Бреа, а во изведба на Турскиот театар од Скопје; „Бог на маскарот“ од Јасмина Реза, во режија на Нела Витошевиќ, во изведба на ансамблот на Штипскиот театар, а за полноќ во придружната програма беше планиран настапот на Кумановскиот театар со „Жена од минатото“, во режија на Нела Витошевиќ.