Театарот во Скупи ќе се конзервира два и пол месеца

230

Планираната реконструкција не одговараше на она што треба да има археолошки локалитет, да се задржи автентичноста, нагласи Елеонора Петрова, директорка на Управата за заштита на културното наследствоАнтичкиот театар на археолошкиот локалитет Скупи, почнувајќи од идната недела, во траење од два и пол месеца, ќе се конзервира, но нема да се реконструира како што беше предвидено и најавувано со години. Ова беше соопштено вчера, на прес-конференција во Скупи, од Елеонора Петрова-Митевска, директорка на Управата за заштита на културното наследство, и од Роберт Алаѓозовски, националниот координатор за култура при Владата. Конзервацијата на театарот, кој е еден од најголемите во овој дел од Европа, ќе ја спроведува Конзерваторскиот центар на градот Скопје, под стручно раководство на Мирка Илоска.

Катерина Богоева


Античкиот театар на археолошкиот локалитет Скупи, почнувајќи од идната недела, во траење од два и пол месеца, ќе се конзервира, но нема да се реконструира како што беше предвидено и најавувано со години. Ова беше соопштено вчера, на прес-конференција во Скупи, од Елеонора Петрова-Митевска, директорка на Управата за заштита на културното наследство, и од Роберт Алаѓозовски, националниот координатор за култура при Владата. Конзервацијата на театарот, кој е еден од најголемите во овој дел од Европа, ќе ја спроведува Конзерваторскиот центар на градот Скопје, под стручно раководство на Мирка Илоска.

Елеонора Петрова-Митевска, меѓу другото, потсети дека античкиот театар, кој има од осум до десет илјади седишта, повеќепати досега бил истражуван, но и дека планираната реконструкција со последниот проект од 2016 година е запрена лани во септември и е оценета како непотребна.

– Реконструкцијата не одговараше на она што треба да има еден археолошки локалитет, да се задржи археолошката автентичност. Најмногу пречеше реконструкцијата со травертински плочи, затоа што такво нешто во антиката немало – нагласи Петрова.
Таа меѓу другото рече дека со анекс на истиот проект, освен најавената конзервација, се предвидени истражувачки работи на сцената на театарот и гледалиштето, кои веќе се завршени. Голем дел од досега конзервираните ѕидови се напукнати, па сега ќе треба повторно да се прават.

– Проектот, кој е запрен кога ја презедовме власта, продолжува понатаму – рече Алаѓозовски, нагласувајќи дека сега театарот ќе се конзервира како што треба, но и дека нема да има 9.000 седишта од травертинска оплата, како што било предвидено претходно.